Казна и до 8 000 евра за продавање на енергетски пијалок на деца

По случајот со труење на тројца малолетници во скопско Радишани, инспекторите ги зајакнаа контролите во малопродажбата.

Инспектори од Државниот пазарен инспекторат, извршија контрола и врз конкретниот трговски комплекс во Радишани, каде наводно малолетниците ги купиле енергетските пијалоци со кои се затруле. За сега, повеќе информации околу случајот не се откриваат, но јасно е дека ваков вид на пијалоци не смеат да се продаваат на деца. Ваквото предупредување го издаваат и самите производители кои се задолжени истото да го вметнат на самата амбалажа. Енергетските пијалоци, според законот на РМ се третираат слично како алкохолот и цигарите. Односно, тие не смеат да се продаваат на лица помлади од 14 години. Покрај останатите прописи, напомена со димензии 20х50 сантиметри е задолжително да стои на видно место во секој малопродажен објект. 

За непочитување на оваа обврска, казната може да достигне до 8 000 евра, во денарска противвредност, од кои 30 проценти ги плаќа одговорното лице. Дополнително следува одземање на производот. 

Од Агенцијата за храна и ветеринарство, велат дека се запознаени со случајот и во таа насока издадоа соопштение во кое се вели:

"Производот 'симба' кој во медиумите се посочува како причинител на труењето со храна на малолетните лица е безалкохолен пијалак, на кој соодветно е означено дека не се препорачува за деца под 18 години и за бремени жени. Не станува збор за небезбеден производ, ниту за труење со храна, туку за непочитување на означувањето од страна на лицата кои го консумирале".

Веројатно се работи за изолиран случај на труење, но надлежните се должни да поработат на подигање на свеста, особено кај младите за последиците од консумирањето на ваквиот вид пијалоци. Во производството на енергетските пијалоци се ставаат голем број на стимуланси и хемикалии кои не влијаат позитивно на организмот. Дискутабилно е дали воопшто нивното дејство е навистина онакво како што производителите убедуваат.