Катлановска бања - извор на младоста

Спомен за благодатите што ги дава оваа топла вода. Нека биде непресушна за светот што се развива и гради. Пред нас е вистински убав и чист вруток. Нека повелат гостите да ги измие (1317-1898).“ Со овие зборови, напишани на арапски и врежани во стара камена плоча, скопскиот валија Хаф’з Мухамед Паша ги пречекувал гостите во Катлановската бања, односно денешната Специјална болница за физикална медицина и специјализирана медицинска рехабилитација.

Ако постои чудо во Македонија, тоа е катлановскиот „извор на младоста“. Сместен сред куса и мошне живописна клисура, овој заштитен споменик на природата и еден од најпознатите македонски спа-центри се наоѓа во долниот тек на реката Пчиња, на Бањскиот рид над селото Катланово, на надморска висина од 230 м, оддалечен само 25 км југоисточно од Скопје, каде што се допираат медитеранската клима од југ и умерената континентална клима од север. Отворената пукнатина од неотектонско потекло, со должина од 350 м и широчина до 30 см, претставува реткост не само за Балканот, туку и во Европа, од која, некогаш и во млазови, клокотела и течела ладна и топла вода. Во лековитите терми или бањски води на отворено уживале уште од 340 година старите Римјани, потоа Византијците, па турските великодостојници, за што сведочат ниските столови со кружен облик издлабени во карпите. Бројни се изворите од кои избива пареа и термоминерална вода богата со натриум, калциум, хлор, сулфати и хидрокарбонати, а на изворот достигнува температура и до 64 степени. Таа има исцелувачка моќ и успешно лечи ревматизам, артритис и многу хронични кожни, невролошки, женски, ортопедски и болести на дишните органи.

„Катланово е котелот каде сонцето се раѓа. Ако нешто може да ме излечи, тогаш тоа е таму, помеѓу сонцето и водата“ – зборови се на славниот император Јустинијан Први (483-565). Тој бил роден во Таурисиум каде изградил тврдина, а неговата мајка во Бадеријана. И денес овие села во катлановско ги имаат речиси истите имиња, Таор и Бадар.

Спојот на природните убавини збогатени со уметничките вредности се надградува во една хармонија на природата и делото на човекот. Катлановската бања, која само еден мост ја дели од селото Градманци, е туристичка атракција и со богатството на автохтониот растителен и животински свет од просторот на Катлановскиот предел вклучувајќи го и Катлановското блато, прекрасните видици, патеки за прошетка, спортскиот риболов, изворната архитектура, црквите, мноштвото чешми, но и фолклорот и културните манифестации. Оваа испреплетеност на културно и духовно задоволство овозможува вистински совршено доживување.

new nike air max 2019