Катица Јанева даде изјава, одби да одговори на новинарски прашања, СЈО не застана зад неа

Во врска со мојата наводна вмешаност во случајот „Рекет“ најодговорно тврдам дека ниту свесно, ниту несвесно, ниту со сторување или несторување сум ја злоупотребила должноста. Јавно ги охрабрувам правосудните органи докрај да ги расчистат околностите во овој случај, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева.

Таа ѝ се извини на јавноста затоа што не се појавила во јавноста подолг период, односно од објавувањето на случајот „Рекет“.

Јанева рече дека е свесна дека освен Бојан Јовановски и други лица го злоупотребиле нејзиното име.

„Свесно оставив подолг период да не излезам со став во јавноста иако воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч и решив да го направам тоа за со мој потег да не се смета дека правам притисок или се мешам во истрагата“, рече Јанева.

Кажа дека е точно дека се познава со Бојан Јовановски и дека никогаш не криела дека син ѝ е вработен во 1ТВ.

„Но ова не значи дека некој стекнал право да ја злоупотреби мојата должност и да остварува привилегии и затоа очекувам низ транспарентна судска постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да им наруши на моите чест и углед“, рече Јанева.

Таа повтори дека ја дала оставката за да не биде искористена за нечии цели и рече дека ќе си замине од функцијата кога политичките партии ќе изберат нејзин наследник.

„Со мојата оставка потврдувам дека нема никаков начин да влијаам на случајот ‘Рекет’“, рече шефицата на СЈО.