Карпошовци ќе можат да вежбаат фитнес под отворено небо

Осум справи ќе се постават во т.н. фитнес зона која ќе се изгради долж „Волгоградска“ во Карпош 4, после „Сити мол“. Една од справите ќе биде специјализирана, наменета за лица со посебни потреби.

„Обезбедувањето на соодветен простор за спорт и рекреација за сите карпошани е една од клучните, стратегиски цели на локалната самоуправа, во областа на спортот и неговaта достапност за сите граѓани. Поентата е во повеќе населби низ Карпош да создадеме вакви зони за спорт и рекреација. Конкретно, покрај оваа фитнес зона, ќе го уредиме и околното зеленило со цел да добиеме еден убав појас за спорт и рекреација на граѓаните. Почнуваме во Карпош 4, но, намерата е да продолжиме со вакви проекти и во другите населби. Овие маалски, спортски катчиња придонесуваат да се развијат здравите навики кај граѓаните, да се рекреираат и да имаат физичка активност“, изјави градоначалникот Стефан Богоев.

Изградбата на фитнес зоната ќе чини околу 30.000 евра, а рокот за изведба е три месеци.

Директорот на АМС, Дарко Каевски, најави дека Агенцијата ќе продолжи да работи на приближување на спортот и спортските активности до сите граѓани. За таа цел, потенцираше дека, Агенцијата планира во Карпош да изгради и еден реонски базен со училишни димензии.