Општина Карпош ги повикува сите граѓани, карпошани, да се приклучат на Интернационалниот ден за возење велосипед во зима.

„Утре, со своите велосипеди да се упатиме до работните места, училиштата, факултетите и другите дестинации. На овој начин сите придонесуваме во зајакнување на јавната свест за зголемено користење на велосипедот како превозно средство. Еден ден во годината не е доволен за да се направи промената, но првиот чекор е важен, со цел да се манифестира волја и желба дека сакаме почиста Општина и вело град.

Синхронизираната акција е добра можност другите сограѓани да се запознаат со проблемите со кои се соочуваат оние кои почесто го користат велосипедот. Недостигот од велосипедски патеки и соодветна сигнализација се наша реалност, а Општината веќе работи на подобрување на условите за користење на велосипедот. Притоа, примарна цел е не само големите, најфреквентните, туку и сервисните улици да добијат велосипедски патеки кои ќе се поврзат со постоечките патеки долж булеварите.

Оваа година Карпош почнува да субвенционира и купување нови велосипеди. Овој проект ќе го зголеми интересот за возење велосипед кај сите генерации.

Исто така, Општината ги мотивира и сите стопанственици во Карпош, кафулињата и баровите да ги наградат своите посетители кои ќе дојдат на велосипед до нивното место. Со заедничка акција до вело Општина и чист Карпош!