Карпош ќе им помага на младите да изберат кој факултет ќе го запишат

Општина Карпош ќе биде една од четирите општини во кои ќе започне да се спроведува проектот за насочување на младите, популарен како „Job Shadowing“.

По тој повод, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, денеска се сретна со претставници од Секторот млади при Агенција за млади и спорт и во едночасовен разговор ги прецизираа појдовните чекори околу приклучувањето во овој проект.

Со него е предвидено младите од средните училишта, во текот на летниот период, да добијат шанса за пракса, која натаму ќе им помогне да направат полесен избор при продолжување со високото образование.

Годинава ќе започнат обуките за младите и активности за промоција на проектот, а од следната почнува неговата реализација.

„Градоначалникот Богоев, во изминатиот период работеше на зголемена афирмација на политиките за млади и намалување на невработеноста кај младата попилација. Ова е еден од проектите кои ќе ги направи младите да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и ќе стекнат најразлнични практични вештини“, велат од Општина Карпош.

За целта на проектот предвидена е соработка со приватниот сектор, како и со институции, при што соработници се Агенцијата за млади и спорт, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална и политика и Агенцијата за вработување.