Капитални проекти во културата во Македонија

Нов објект на МНТ, на Македонската Филхармонија, Археолошки музеј, реновирање на МОБ, нов театар во Велес, театар во Струмица, санација на Албанскиот театар, изградба на Турскиот театар. Изминативе години се реализирани крупни, капитални проекти за културата во земјава, пишува Лидер.

Освен зголемувањето на платите на културните работници, сериозно се вложуваше за општо подобрување на условите за работа. Се изградија зданија кои со години и години ќе останат за идните генерации.

Грандиозно здание на Филхармонијата

Македонската филхармонија по 73 години доби сопствен објект, грандиозно здание во центарот на Скопје. Се градеше седум години, инвестицијата е вредна 37 милиони евра.

Новиот објект се протега на површина од 12.400 квадратни метри. Има две сали – голема сала со капацитет од илјада места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места, опремени со најсовремени сценско – технолошки системи за врвна акустика.

-Навистина сум горда и воодушевена од самиот објект и од сето она што успеавме да го направиме со цел да го ставиме во функција објектот на Македонската филхармонија, вели министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

-Новиот објект многу значи за понатамошните услови во кои ќе творат музичарите, вели директорката на Македонската филхармонија Маја Чаначевиќ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, рече дека ова претставува исполнување на ветеното.

-Се работи за целосно функционален објект во износ од 37 милиони евра, односно приближно на градбата на МНТ кој што беше 36 милиони евра. Тоа се два капитални проекти кои ги започнавме во 2007 година, а веќе од 2009-та започна градбата, изјави Груевски.

Скопје си го врати објектот на МНТ

Во декември се одбележаа 3 години од отворањето на новиот објект на МНТ. Институцијата само во овој период нанижа над 900 претстави и привлече 330 илјади гледачи.

„МНТ е дрво со длабоки корени и мислам дека и новата зграда и сè што сега го правиме сите е продолжување на историјата и на патот на сите големи актери, режисери и великани кои работеле тука“ – изјави директорот на театарот, Дејан Пројковски.

Во изминативе години се вложија милиони евра во нови театри и културни институции во земјава.

-Наша обврска и цел беше македонските театарски уметници по долги години поминати во импровизирани објекти да добијат можност да творат во театри со најсовремени технички перформанси. Затоа ги изградивме МНТ и театарот во Велес, почнавме со изградба на театарот во Струмица кој до крајот на годинава ќе биде промовиран пред македонската јавност. Во изминатите осум години во театрите и во центрите за култура се реализираа над 450 вработувања, од кои се вработија 223 уметници – актери, драматурзи, режисери, како и над 220 лица во делот административно-технички персонал, вели Канческа – Милевска.

Обновена салата на МОБ

Целосно се реконструираа и големата сала и фоајето на Македонската опера и балет. Министерството за култура за овој проект вложи 62 милиона денари. Беа обновени салата, фоајето, осветлувањето, се променија седиштата и се поставија електронски дисплеи.

-Јас сум горд што сум дел од еден театар кој нуди услови на публиката како што нудат најголемите театри во светот, изјави директорот Игор Дурловски.

Реконструиран Музејот на современа уметност

Меѓу покрупните проекти во културата е и реконструкцијата на галерискиот простор во Музејот на современа уметност. Се осовремени простор од 1.500 квадратни метри, со што делата на големите македонски и светски автори конечно станаа достапни за љубителите на уметноста. Ова музејско здание е изградено во 1970 година, а реконструкцијата беше извршена во 2014 година. Музејот располага со фонд од над 3 илјади уметнички дела од домашни и од странски автори.

Македонија доби нов Археолошки музеј

Република Македонија доби нов и репрезентативен објект на Археолошкиот музеј, најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство.

-Kај посетителите најголем интерес предизвикуваат, секако, артефактите од постојаната поставка, но и повремените изложби што ги организираме, а на кои ги претставуваме новите истражувања. Такви изложби имаме во континуитет, вели директорката на Музејот Весела Честоева.

Новиот Археолошки музеј претставува монументален објект. Во него е прикажано богатото културно наследство на Македонија со повеќе од 6.000 експонати.

Нов објект за ФДУ

Факултетот за драмски уметности со уште 10 државни институции ќе бидат сместени во новиот објект во Скопје. Веќе кон средината на годинава се очекува префрлање на наставниот кадар и на студентите. Факултетот, кој досега функционираше во старите бараки во Карпош, ќе располага со акустични сали, специјално дизајнирани за одржување проби.