Капитални проекти: Нов амфитеатар во Скупи, театри и Универзална сала (фото)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера најави дека ќе биде обновен уникатниот отворен амфитеатар во локалитетот Скупи со 9.000 седишта.

-Амфитеатарот е еден од најзначајните објекти од римскиот период во Македонија и еден од најголемите на Балканот и пошироко. Во рамките на Скупи, прогласен за споменик на културата од прва категорија, вршени се археолошки истражувања, а минативе 2 години првите систематски археолошки испитувања. Според некои проценки на научните работници се смета дека амфитеатарот може да прими 8000 до 10000 гледачи, истакна Груевски.

Груевски посочи дека остатоците од овој археолошки локалитет за прв пат е откриен некаде во 60 те години од минатиот век, но досега не биле превземани никакви активности за подлабинско истаржување, а уште помалку за реставрирање и обнова.

Тој посочи дека ќе бидат инвестирани околу 8,5 милиони евра и ова е објект наменет за младите каде што ќе се одржуваат концерти, претстави и други културни настани и ќе биде единствен во целиот регион.

Вчерашниот проект најавен од Груевски е само една во низата најавени крупни инвестиции во културата.

Пред извесен период, беше најавено дека ќе се гради нова зграда за Театар Комедија, Драмски театар, а целосно ќе се обнови и Универзална сала.

-Готов е проектот за Драмски театар во Скопје, во текот на јануари ќе се објави тендер за изведувач за градба. Во јануари веројатно ќе се објави и оглас за изнаоѓање на јавно приватно партнерство за Театарот комедија, доколку тоа не успее тогаш ќе се оди со градба од страна на државата. Објектот кој што треба да дојде на местото на Универзална сала и ќе биде Конгресен центар, проектот е готов и во текот на јануари ќе биде објавен јавен повик за изведувач и четврто се заврши и проектот за театар во Скупи кој што исто така во јануари или февруари треба да биде објавен за изведба, истакна Груевски кон крајот на декември.