Кампањата „И суперхероите мијат раце“ стартуваше во основните училишта во Центар

За да се подобри хигиената кај децата и возрасните во училиштата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат(ДСЗИ) и општина Центар најавија проект за едукација за правилно миење раце во основните училишта во општината.

Кампањата ќе се одвива под слоганот „И суперхероите мијат раце“, а целта е да се поттикнат децата и возрасните редовно и правилно да ја одржуваат хигиената на рацете. Истражувањата покажуваат дека токму основните училишта се најчест извор на зарази, а една од причините е што голем дел од децата воопшто не ги мијат рацете додека се на училиште.

Миењето со сапун ги отстранува бактериите од рацете. Ова помага да се спречат инфекции и појава на болести како дијареја, пневмонија и грип, кои се најприсутните заболувања помеѓу децата од училишна возраст.

- Податоците за хигиената на рацете кај децата во основните училишта се загрижувачки. Имено, 58% од нив мијат раце по употребата на тоалет,а сапун употребуваат 28% од девојчињата и само 8% од момчињата. Овој недостиг на ефективни практики за хигиена на рацете, честопати доведува до акутно гастроинтестинално заболување кај децата во основното образование, истакна проф. д-р Весна Герасимовска, специјалист интернист, субспецијалист нефролог.