Калориметрите на радијаторите обврска само за новите згради

Согласно новиот Закон за енергетика, кој е во подготовка, се пропишува обврска за инвеститорот на новите згради да постави мерни уреди, додека за постојните корисници оваа обврска не важи и се остава на нивната желба дали ќе вградат или не.

 Поскапување на цената на централното греење нема да има заради употреба на индивидувални мерачи во становите. Граѓаните кои се постојани корисници на централното греење сами ќе одлучуваат дали ќе вложат во поставување на мерачи за топлинска енергија бидејќи ниту сегашното законско решение не го предвидува, а не се предвидени како задолжителна опрема согласно новиот закон кој е во подготовка.

– Во новиот Предлог-закон за енергетика има мала измена. Во член 155 ставка 5 и во член 239 се наведува дека само во новите објекти што ќе се градат во иднина, по добивањето на дозволата за градба, инвеститорот мора да ги вгради овие уреди. Тоа значи дека корисниците при купување на новите станови ќе ги добијат мерните уреди заедно со станот. Тоа нема да им биде дополнителен трошок и ќе бидат во нивна сопственост – појаснува претседателот на Управниот одбор на Балкан енерџи”, Димитар Кочовски.

Според него, деталите како ќе бидат опфатени постоечките корисници ќе биде уредено во новите подзаконски акти. Кочевски потсети дека пилот-проектот од пред неколку години покажа дека во зградите каде експериментално беа вградени вакви метри уреди, заштедата на енергија во просек изнесувала од 15 до 20 проценти, што е многу добро.

– Ова покажува дека енергетски ефикасно изградените објекти имаат економска исплатливост да вложат во купување на калориметри и распределувачи на топлина бидејќи ќе заштедат и брзо ќе си ја повратат инвестицијата. За разлика од оние згради со лоша изолација на фасадата и не променети прозорци кои, препорачувам, прво тоа да го подобрат, а потоа да купуваат мерни уреди – вели Кочовски.

Тој ги поддржува напорите на Владата да обезбеди средства од дополнителни еко фондови со кои ќе се популаризира вградувањето на мерните уреди за сите корисници на централното греење.

– Во иднина енергијата ќе поскапува и треба да се подготвуваме за тие времиња. Затоа вложувањата во eнергетска ефикасност и заштеда на енергија ги поддржувам во целост – рече Кочовски.