„Калеидоскоп“ – едиција со десет современи книжевни дела за млади

Издавачката куќа „Паблишер“ промовираше пред нашата читателска публика нова едиција насловена „Калеидоскоп“, која се состои од преводи на десет романи од автори кои досега не биле претставени во земјава, а кои се популарни кај публиката и критиката низ Европа и пошироко.

„Калеидоскоп“ нуди избор од десет современи дела од реномирани и наградувани автори, насочени претежно кон младата читателска публика: „Книга за гробиштата“ од Нил Гејман, „Воздух“ од Миријам Дубини, „Како во филм“ од Винко Модерндорфер, „Сошиено срце“ од Карол Мартинез, „Дарла – 172 часа на Месечината“ од Јухан Харстад и три романи добитници на Европската наградата за литература: „Некогаш сигурно сум одела по мека трева“ од Каролина Шути, „Езеро“ од Бјанка Белова и „Срце на ветрот“ од Донал Рајан.

– Целта на проектот е да се зголемат изборот и циркулацијата на квалитетна литература за читатели од различни возрасни групи преку претставување на некои од најдобрите наслови објавени во Европа во последниве години, со посебен акцент на литературата за деца и млади. Меѓу книгите во оваа едицијата голем дел доаѓаат од книжевно „егзотични“ земји од Европа – Норвешка, Исланд, Данска, Ирска, но раскажуваат приказни чии пораки носат универзални вредности и допираат до секој читател. Со ваквиот избор, проектот во целост ќе придонесе за развивање на порафиниран книжевен вкус, ќе го поттикне интересот на младата публика и ќе создаде нови лојални читатели, соопшти издавачот за  проектот „Калеидоскоп“ кој е поддржан од Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.