Како се станува несреќна жена?

Несреќната и незадоволната жена е тема на многу списанија, терапевтски сеанси, женски разговори. Кој совет да се даде на другарката, клиентката, жената или девојката која не сака да биде обележана како несреќна жена?

Додека растевме, отсекогаш нѐ следеле тешки задачи. Да се биде жена воопшто не е лесно. Кога се раѓаш стануваш принцезата на домот, кога ќе проговориш – баш си слатка, кога ќе почнеш да одиш во училиште сите ти зборат дека мораш да учиш затоа што лошо е да се биде непослушно девојче, кога ќе дојде пубертетот веднаш доаѓаат и критиките: „Облечи подолго здолниште, подлабоки фармерки, дојди си дома до 11, немој комшиите да те видат како се бакнуваш со некого на улица, не смееш да имаш толку единици, почни да тренираш, ако не сакаш да учиш, земи работи нешто, женско се раѓа само за да ти ја испие крвта, итн.“ Кога ќе почнеш да одиш на факултет: „Гледај да ни го обелиш образот, пази со кого се плеткаш“. Кога ќе најдеш работа: „Е сега можеш да се мажиш!“ Се мажиш, а тогаш некој друг почнува се отпочеток. Таков е законот на природата.

Тогаш сфаќаме дека целиот живот ги правиме работите што другите ги очекуваат од нас и стануваме имуни на работите што ние ги сакаме. Одеднаш сфаќаме дека сме незадоволни. А незадоволството е како вирус, се шири во секое здраво ткиво, во овој случај во секој дел од нашиот живот. Сфаќаме дека првите 30 години сме ги посветиле на другите (некои и подоцна го сфаќаат тоа), почнуваме да паничиме и се истураме на другите. А бесот на една незадоволна жена е како крикот на лавот во дивината. Бегајте додека не ве изела!

Да го земеме предвид фактот дека општеството ја има наметнато фразата „жена змеј“. Тоа е жена која е успешна во сѐ, која разбира сѐ, сѐ може, сѐ прави и сѐ знае. Во случај некоја да не исполнува нешто од наведеното, таа паѓа во очај и станува несреќна и незадоволна. А резултатите од ова незадоволство се следните: раскинување врски, пријателства, кавги со семејството, нестабилни односи со луѓето од опкружувањето, слаби резултати на работа, погрешни избори, развод, очај, депресија. Сакате уште резултати? Секако дека НЕ.

Затоа на сите жени им советувам секој ден да застануваат пред огледало и да се запрашуваат себеси за работите што ги прават среќни. А кога ќе сфатат што е она што ги прави среќни, нека го преземат првиот чекор кон остварување на своите цели затоа што само така можат да дојдат до резултати. Одложување на проблемот не води кон решение. Бидете свесни за себе и за своите квалитети, пофалете се себеси за секое поместување, кажете си себеси дека можете се да направите, особено да го држите животот во свои раце!

Правете го тоа шт ого сакате, затоа што насмевката која е предизвикана од тоа задоволство никој не може да ви го одземе. Сетете се и на најмалите детали кога сте направиле нешто што никој друг не можел, сетете се кога сте решиле некоја ситуација, сетете се кога некој ви се заблагодарил затоа што без вас не можел да успее. Сетете се и на најбаналните работи, а тоа дека без вас ни куќата не би била чиста. Тоа ќе ви измами насмевка на лицето.

Сакајте го своето ЈАС! Тоа не е фраза, тоа е вистина! Затоа што сите несреќни и незадоволни жени имаат малку љубов за себе, а со самото тоа и малку волја за да променат нешто.

ПОЧНЕТЕ ДА СЕ САКАТЕ СЕБЕСИ!