Како одат на одмор македонските семејства

Во просек, македонскиот граѓанин оди на одмор 11 дена, патува со сопствен автомобил, се сместува во приватна соба и секој ден троши по дваесетина евра.

Три четвртини од македонските граѓани лани не биле на годишен одмор. Од останатата една четвртина, повеќе од половината одморот го искористиле во странство, најмногу во Грција. Во просек, годишниот одмор на македонскиот граѓанин трае 11 дена, а секој ден во просек троши по дваесетина евра.

Ова го покажуваат податоците објавени во најновата публикација на Државниот завод за статистика за патувањата на домашното насление во текот на минатата година. Според тие информации, 74,56 отсто од граѓаните не биле на одмор, 25,44 отсто биле, а од нив 29,55 отсто одморот го искористиле во земјата, 61,27 отсто во странство, а 9,18 проценти комбинирано.

Публикацијата открива и дека македонскиот граѓанин преферира на одмор да замине со сопствен автомобил. На тој начин патувале 67,77 отсто од годишноодморците. При изборот на сместувањето на прво место се приватните соби, кои лани ги користеле 61,7 отсто од оние кои биле на годишен одмор. Само 18 проценти се сместиле во хотели, а 5,45 проценти во кампови. Просечниот престој бил 11 дена, но најголемиот дел, или 51,17 проценти од граѓаните биле некаде на годишен одмор до седум дена, а само 4,18 проценти најмалку 29 дена.

Од оние кои годишниот одмор го искористиле во Македонија, најголемиот дел, околу 78 проценти биле на езеро. Летувањето самите си го организирале, се сместиле во приватни соби, самите си готвиеле, а пристигнале со автомобил. На најголемиот дел од нив одморот им траел седум дена, додека подолг престој си дозволиле само оние кои летувале во сопствените викендички или станови надвор од местото на живеење. Притоа, заедно со превозот, во просек дневниот трошок на македонските годишноодморци несува околу 1.100 денари, што значи дека за седумдневно летување четиричлено семејство од домашниот буџет издвојува околу 400 евра. Годишниот одмор на планина е далеку поевтин, со просечен дневен трошок од само 880 денари.

На езеро во Охрид, или на море во Паралија, кога се во прашање парите, нема голема разлика, зашто со примена на вообичаената македонска летувалска шема, дневните трошоци се горе-долу исти. Според статистичарите, во странство дневниот трошок по лице заедно со превозот изнесува 1.267 денари, а без превозот 1.040 денари. На одмор во странство најчесто одат тричлени семејства, па седумдневен престој ги чини вкупно околу 430 евра. Грција и понатаму останува главна дестинација за одмор на македонските граѓни.

Па така, од оние кои лани летувале во странство, над 53 проценти биле кај нашиот јужен сосед. На второ место е Црна Гора, каде заминале нешто помалку од 10 проценти, а приближно толку биле и во Албанија. Исто како и на нашите езера и во Грција најчесто се оди со сопствен автомобил, се престојува седум дена, а дневно заедно со превозот се трошат по 1.350 денари. Најскапо е летување во странство е во Шпанија, каде минатата година заминале само еден процент од граѓаните кои биле на годишен одмор. Тие си дозволиле просечен дневен трошок од околу 3.600 денари, заедно со превозот.

Во анкетата на Државниот завод за статистика врз основ на која е правена публикацијата, над 60 проценти од граѓните кои не биле на годишен одмор како причина за тоа ги навеле парите. Над пет порценти се изјасниле дека не го искористиле одморот од здравствени и од деловни причини, додека околу 4,5 отсто се изјасниле дека не чувствувале потреба да одат некаде на одмор.
Публикацијата уште открива дека нашите граѓани се прилично статични, односно ретко го напуштаат местото на живеење. Така, дури 88 проценти во текот на 2016 година патувале само еднаш, а четири или повеќе пати во текот на годината на пат тргнале само 1,43 проценти од населението.

Според анкетата, нашите луѓе не се многу ниту по еднодневните излети. Повеќе од 66,5 проценти не биле на излет, а од останатите, повеќе од 70 проценти биле најмногу три пати. Но, кога се одело на излет, "се пуштало срце#. Дневниот трошок во просек бил двојно поголем од ониј на годишен одмор, па изнесувал околу 2.500 денари, а за превоз до излетничкото место се трошеле во просек 790 денари.