Како недостатокот од сон влијае врз вас?

Во постојаната трка со времето и бројните обврски иако многупати имаме чувство дека победата е на наша страна, вистината е дека единствените кои можат да изгубат нешто сме самите ние.

Најчесто толку потребните час или два во денот за да ги завршиме сите обврски си ги скратуваме од времето за спиење, секако тешејќи се дека сме млади и дека телото ни е силно и здраво.

Сепак тоа е една од најголемите заблуди и грешки кои многумина од нас речиси секојдневно ја прават.

Добриот сон е од суштинско значење за правилното функционирање на телото и надоместување на целата изгубена енергија.

Ова се само дел од проблемите со кои можете да се соочите заради недостатокот од сон:

1. Настинка

Едно истражување спроведено врз 164 здрави лица покажало дека оние кои спиеле помалку од 5 часа на ден имаат многу поголеми шанси за настинка, за разлика од они кои спијат по 7 или повеќе часа.

2. Проблеми со желудникот

Будната состојба му сугерира на организмот дека тој треба да продолжи да работи, а така желудникот напразно создава киселини и покрај фактот дека тие воопшто не се потребни. Ваквото прекумерно создавање киселини може да доведе до сериозни несакани последици.

3. Промени во расположението

Бројни истражувања покажуваат дека лицата кои имаат недостаток на сон се многу пораздразливи и напнати за разлика од оние кои имаат квалитетен сон.

4. Главоболки и мигрена

Недоволниот сон не му дозволува на организмот да се опушти, а тоа особено е важно за вашиот мозок, бидејќи секојдневното оптоварување со огромен број информации може да доведе до негово преголемо заморување и да се манифестира со чести главоболки кои може да прераснат дури и во мигрени.

5. Дебелење

Кога вашиот организам не го добива потребниот одмор, се обидува да ја надомести енергијата преку потреба за храна. Токму тоа може да доведе до зголемување на бројот на килограмите, бидејќи за да останете будни постојано имате потреба да јадете нешто, а тоа во најголемиот дел од случаите воопшто не е здрава храна.