Љубовта ме научи дека многу работи во животот не одат според плановите. За жал, ме имаат повредувано луѓето кои сум ги сакала и ме натажува тоа дека тие луѓе немаат ни достоинство за да се извинат и да ги поправат своите грешки. Но, јас не сум нивна господарка и не ги контролирам.

Љубовта ме научи колку е животот убав и како огорченоста може да ви ја украде среќата. Огорченоста влијае на другите луѓе околу тебе и ја уништува убавината во секој момент. Кога си огорчен, не ја гледаш убавината во животот.

Постојано читам за луѓето кои имаат големи срца. Според мене, не се работи за тоа да имаш големо срце, туку секој ден да се стремиш да бидеш најдобрата верзија на себеси. Не мислам дека тоа има врска со големите срца, туку со голата себичност која не опколува. Ние живееме во свет кој ја зема добрината и љубовта и гледа да извлече корист од нив. За мене, тоа не е нормално. Нормално е да имаш големо срце, да преземаш ризици, да ги скротиш своите стравови и да го цениш секој момент.

Љубовта ме научи дека сите луѓе се борат со некој дел од животот и дека не треба да бидам брза во донесувањето судови. Ме научи да бидам посочувствителна и поемпатична кон другите. Кога гледам луѓе како одат по улица или како ја косат тревата, секогаш се прашувам низ што поминуваат тие луѓе и размислувам за маките кои можеби ги имаат.

Љубовта ме научи да бидам помалку себична. Да не мислам само на моите потреби и желби и што ќе добијам од конкретната ситуација. Во свет полн со омраза, суровост и себичност, љубовта ме научи да им простувам на луѓето без да очекувам нешто за возврат.

Љубовта ми ја даде можноста да се пронајдам себеси кога мислев дека никогаш нема да го пронајдам својот пат. Ми подари вештини на прифаќање и можноста да ги погледнам и перспективите на другите, а не само моите.

Љубовта ми помогна да сфатам дека само затоа што работите не се онакви какви што сум сакала да бидат, не значи дека не постојат безброј други можности кои можат да функционираат. Ме научи да прифатам дека животот не се врти околу максимата: „Или по мое или никако.“ Вратите се затвораат со причина и други врати се отвораат за да ви дадат поинаков поглед на работите.

Еден период бев навистина огорчена личност полна со негативност. Гледајќи наназад, никогаш повеќе не сакам да бидам таа личност. Таа личност ја закопав толку длабоко во себе што не е возможно повторно да излезе на површина.

Љубовта е многу полесен начин на живот од себичноста и омразата. Дава длабоко чувство за себе кое никој не може да го скрши. Колку повеќе дозволуваш љубовта да влезе во твојот живот за да те научи на нови работи, толку помалку ќе привлекуваш себични, огорчени и негативни луѓе.

Ако моментално се борите со огорченост од животот и неговите околности, ви ветувам дека колку повеќе примате љубов во вашиот живот, толку помалку страдање ќе искусувате. Јас сакам да имам силни чувства и кога ги чувствувам се потсетувам дека сум жива. И сите вие заслужувате шанса во животот.