Како ја блокирате љубовта во вашиот живот?

Кога постојано се грижиме како ќе бидеме сфатени, кога се плашиме што мислат другите за нас, кога се плашиме да не бидеме повредени и излажани – тоа се сите оние ситуации во кои не живееме со полн капацитет. Тогаш дозволуваме стравот, сомнежот и нервозата да ја уништат животната радост и шансите за љубов и среќа. За да бидеме среќни, енергијата мора да се движи низ нас и секогаш мораме да се стремиме тоа да е позитивна енергија. Не треба да дозволуваме тоа да биде блокирано од стравот и очекувањето на лош резултат.

Како ја блокираме љубовта во нашиот живот, без да сме свесни за тоа?

„Кревате гард“ секогаш кога ќе ви се приближи некој

Се чувствувате загрозено од своите чувства, не сакате да бидете ранливи и отворени и тогаш гардот се крева и зајакнува. Се однесувате резервирано, се дистанцирате и се трудите да бидете студени, а личноста многу ви се допаѓа. Не сакате да дадете шанса и мислите дека таа личност ќе ве повреди. Само замаглени, со темни очила гледате кон таа личност и не дозволувате да ги запознаете вистински, за да утврдите дека тие можеби вредат да се дел од вашиот живот.

Мислите дека сите се исти

Немате расчистено со бившите, се уште носите бес во себе и се плашите постојано да бидете повредени. Мислите дека секоја следна личност ќе се однесува на истиот начин кон вас. Во себе сте сигурни дека „сите се исти“. Таа личност ви ја има разнишано самодовербата, па дополнително мислите дека не сте вредни за љубов и почит и затоа не можете да го очекувате тоа од никого.

Вашето срце е скршено и мислите дека никогаш нема да се залечи

Сте пателе во минатото и мислите дека сте предодредени да патите и да бидете дел од неуспешни врски. Која личност и да ви се приближи е како потсетување на вашите лоши искуства и се однесувате лошо и огорчено. Не се казнувајте себеси и потрудете да бидете рационални. Најдете во себе волја и решителност да продолжите понатаму и да ги оставите лошите искуства позади себе.

Ја користите зафатеноста како изговор

Многу луѓе велат дека се зафатени и се затрупуваат во работа, мислејќи дека тоа ќе им помогне да се одалечат од луѓето. Така и се случува, но треба да знаеме дека не можеме да функционираме без човечкиот контакт и да се однесуваме како роботи. Нема потреба од измислување обврски и ставање ѕид пред животните предизвици. Ова е нешто за што веројатно највеќе ќе се каете во подоцнежните години од животот.