Како да си ја слушнеш душата кога сите околу тебе зборуваат?

Разликата помеѓу осаменоста и самотијата е јасна. Осамени можеме да бидеме и кога сме опкружени со луѓе, додека пак за состојбата на самотија неопходно е отсуството на другите. Вистината е дека човекот е социјално битие и многумина тврдат дека самотијата е нешто негативно и дека не треба човек да самува.

Тие одат толку далеку што велат дека од самотијата може човек да полуди. Сепак, како личност која е чувствителна на туѓата енергија, бучава и силна светлина и самата често се повлекувам во самотија, затоа што на тој начин ги полнам батериите. Понекогаш е тешко да им се објасни на луѓето зошто не можам подолго да останам некаде, ретки се оние кои навистина разбираат. Ако полудувањето значи да влезеш во костец сам со себе, тогаш признавам дека сум луда.

Со оглед на тоа дека мозокот ми работи со 100 на саат, гледам да се оддалечам од другите, но и од себе (своите мисли и ставови), за повторно да се вратам на себеси. Да, чудно звучи, свесна сум. Не сме ни свесни колку сме опкружени со различни содржини, секојдневно нѐ бомбардираат со пораки од насловни страни, билборди, на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, итн. Има премногу мислења, коментари, ставови, впечатоци. Сето тоа го впиваме како сунѓер во своето енергетско поле, во поголема или помала мера, несвесни за тоа колку всушност ни штети тоа.

Мене лично сето тоа ме заморува. Затоа кога ќе повлечам во некој агол каде можам на мир да ги сослушам сопствените мисли и чувства, сѐ изгледа многу појасно и поедноставно. Поради тоа природата за мене е одличен избор, затоа што таму секогаш сум свесна за своето постоење, а изреката „да го пуштиш мозокот на пасење“ си има своја смисла. Тоа некако и не ми е секога возможна мисија во вревата и хаосот на животот, во кој вниманието ми го одвлекуваат работи кои во суштина и немаат никаква врска со мене. Огромни количини на стрес и нервоза во суштина се резултат на непотребна грижа околу туѓите реакции и дејства.

Токму од тоа причина, без оглед на тоа дали некој е волк самотник или социјална пеперутка, здрава доза самотија е важна за добар баланс и појасни граници околу тоа каде почнувам јас, а каде завршува другата личност и обратно. Иако многу екстроверти ќе кажат дека многу им е досадно кога се сами, се поставува прашањето зошто тие мислат дека другите луѓе се поинтересни од нив. Од друга страна, интровертните личности поради стравот дека ќе бидат неразбрани од околината се затвораат во свој свет. Првите бегаат од својот внатрешен свет, додека другите бегаат во сопствениот универзум. Станува збор за две крајности кои можат да се надминат.

Друштвеноста и самотијата се двете страни од истата паричка, барем во мојот случај. Во интеракцијата со други луѓе се стекнуваме со животно искуство, но факт е дека се раѓаме и умираме сами и тоа кажува колку внимание треба да си посветиме самите на себе.  Тоа не е себичност туку љубов кон самите себе.