Како да се женам и да имам семејство кога еден месец работам, три не...

Кога ќе ги прашаш повозрасните што е најважно во животот ќе ти кажат да се ожениш/омажиш и да имаш семејство. Во право се секако, но како да стигнеш до тој чекор?

Филип има 32 години. Живее со своите родители, кои се пензионери. Тој се уште нема стабилна работа. Вели таман ќе најде нешто ( максимум до 200 евра плата) ќе земе еден месец плата, а потоа ќе работи уште три без пари, се до моментот додека да даде отказ. И така едно 7,8 години.

Годините си одат напред.

-Моите очекуваат да се женам. Сакаат дома снаа, сакаат внучиња. Но, како? И тие мене се уште ме издржуваат. Зарем на грб да имаат уште неколку души. Сакаат свадба, а за истата ќе земат кредит, нели за да ги поканиме сите оние кои ќе ги видиме тогаш и никогаш повеќе. А кредитот ќе остане плус на врат. Како да се женам кога некогаш со месеци не земам плата. А инаку да, никогаш не сум земал плата повисока од 200 евра. Зарем некој може да живее со нив. Да има дома жена, мали деца, да има за јадење, за сметки, вака ја раскажува својата приказна Филип.

Знам дека годините одат напред, вели тој, но јас не можам да сторам ништо. Во нашата земја нема работа и плата за оние кои се со факултет, а не за нас со средно училиште. Односно, има работа да, на секоја страна, но нема плата. Откако завршив средно имав прилика да работам кај многу македонски газди, но и не земав плата. Немав платено осигурување. Немав ништо. Лесно е да се каже, оној кој сака, ќе најде работа. Да, ќе најде, но без пари.

Таква е судбината на Филип. Тој секојдневно се објаснува на своите најблиски зошто се уште не е оженет и зошто во блиска иднина нема да стори такво нешто.

А родителите, по пуста желба за внучиња и радост во својот дом, секојдневно со едни исти прашања.

Во денешницава многу млади се среќаваат со овој ист проблем.