Серијата земјотреси што го потресоа охридско- преспанскиот регион, создадоа стравот и паниката кај голем број на граѓани. Како изминуваат деновите, дел од жителите, но и туристите, научија како да живает со земјотресите и посмирено го дочекуваат секој нов потрес, но не е мал бројот на оние кои ноќите сѐ уште ги минуваат надвор од домот - спиејќи во возила и шатори, а некои отпатуваа на посигурно место. Големиот број на земјотреси се одрази на туризмот. Не мал број на туристи го прекинаа летувањето и заминаа дома.

Стручните лица апелираат граѓаните колку што можат да се смират и да ги слушаат препораките како да постапат за време на земјотрес. Да се избегнуваат социјалните мрежи оти преку нив најмногу се шират дезинформации и паника и да се продолжи со секојдневното функционирање. Да не се читаат постојано информации поврзани со земјотрес и луѓето да се обидат да се преокупираат со други работи наместо да мислат кога ќе се случи новиот потрес.

Да не нѐ надвладее стравот

Проф. д-р Димитар Боневски, невропсихијатар во Центарот за ментално здравје „Центар“ и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, на катедрата за психијатрија и медицинска психологија, вели дека стравот е разбирлив, но не смее да надвладее.

- Секое соочување со ситуација што значи закана за повреда или загрозување на животот неминовно предизвикува реакција на страв. Реакцијата на страв е непосредна автоматска афективна (емоционална) реакција. Соочувањето со земјотрес, кој како природна појава е целосно вон човековата контрола, ја прави реакцијата на страв екстремно голема. На стравот повторно влијаат индивидуалните карактеристики на личноста, претходните искуства, како и различните (дез)информации кои во вакви околности експресно брзо се шират и влијаат на однесувањето на луѓето. Секако, целосно разбирлива е потребата на луѓето да се најдат во опкружување кое го доживуваат како безбедно за нив и за најблиските, што е и најдобар начин за надминување на стресот од доживеаната опасна ситуација, вели проф. д-р Боневски.

Тој вели секој од нас различно реагира за време на земјотрес.

- Ако некое лице не се чувствува безбедно на некое место, не треба со сила да се тера да оди таму. Треба да биде на место каде што ќе биде поспокојно, вели професорот.

- Но, ако таквата состојба потрае и по смирувањето на ситуацијата, тогаш може да стане проблематично. Верувам дека, кога состојбата ќе се норамлизира и најплашливиот ќе се врати дома, вели тој.

Во случај на земјотрес, потребно е човек колку што може да остане смирен и да ги примени препораките на стручните лица како да постапи за време на земјотрес.

- Нека ги забележи препораките на лист хартија која ќе му биде на дофат за во случај на земјотрес да може да прочита што треба да преземе. Не треба да паничи и да бега. Некој кој живее на осми спрат може повеќе да се повреди бегајќи отколку кога би останал во својот дом, вели проф. д-р Боневски.

Тој вели дека на нашиве простори дополнително во колективната меморија опстојуваат сеќавањата за земјотресот од 1963 и катастрофалните последици од истиот што сите заедно не прави значително почувствителни кон соочување со ваков вид природна закана.

Децата ги копираат возрасните

Проф.д-р Сашо Стојчев, невропсихијатар и директор на ГОБ „8 Септември“ со порака до родителите да внимаваат како се однесуваат пред своите деца.

Тој вели дека, децата само копираат од родителите, тие не треба стравот да го пренесуваат кај нив.

- Децата сами не го направија тоа да се плашат, туку нивните родители! Па децата не се ни свесни за земјотрес, особено помалите на возраст до 7-8 години. Тие само ги гледаат и ги копираат реакциите на родителите и паниката што излегува од нив, вели проф.д-р Сашо Стојчев.

Катастрофата е во нашата глава

Психологот Мирјана Јовановска вели дека не постои волшебна формула или совет како да се сузбие стравот.

- Нема катастрофа. Но, во нашата фантазија има катастрофа. Луѓето не се подготвени и не знаат како да реагираат. Тоа доведува да се зголеми паниката, ужасот што се доживува и покрај тоа што ништо не се случило. Нема жртви, нема поголеми разрушување, но, луѓето, особено оние кои користат социјални мрежи, лесно влегуваат во кругот на фантазии, на стравови и на катастрофални предвидувања, вели психологот Јовановска.

Според неа, луѓето можат да си помогнат ако добро се информираат што треба да преземат во случај на земјотрес. Треба да се засолни на оние места во домот за кои стручните лица велат дека се побезбедни, смета Јовановска.

- Скалите, лифтовите и терсите треба да се избегнуваат во зградите, да се затане до некој носечки столб, во аголот на собата, под некои големи парчиња мебел, да се сокријат под маса. Тоа се советите на стручните лица. Чувството дека ние сепак можеме да ја контролираме ситуацијата и да направиме нешто, ќе ни даде доза на смирување, вели психологот.

- Ако е некое лице многу исплашено, подобро да се помести од местото на живеење и да остане таму се додека не се успокои, вели Јовновска.

Да се продолжи со секојдневното функционирање

Д-р Славица Арсова, специјалист психијатар од Клиниката за психијатрија вели дека, луѓето треба да продолжат со секојдневното функционирање.

- Вознемиреноста не може да остави трајни последици. Таа е една акутна стресна реакција и вообичаено трае еден или два, максимум три дена. Доколку постои некое друго психичко нарушување може во оваа ситуација да се продлабочи истото или да се влоши,. Но, тоа не претставува ризик или дека со сигурност такво нешто ќе се случи, додава Арсова.