Како да ја форсираме добрата архитектура, ако генерации ни се воспитуваат гледајќи нешто сосема друго?

Архитект Фросина Зафировска е кустос-советник и директор на Музејот на град Скопје и овогодишен добитник на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје од областа на уметноста за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот.
Таа со децении е организатор и поддржувач на случувања во сферата на архитектурата, кои во вид на изложби, предавања, трибини се одржувале скоро секогаш, но и најдолго и најмногу во „нејзиниот“ МГС и секогаш сесрдно излегувала во пресрет како на Асоцијацијата на архитекти, така и на сите останати архитекти и студенти по архитектура и нивните дејности во Музејот. Фросина Зафировска е составен дел и најпрепознатливо лице на сите архитектонски настани. Таа секогаш беше тука и секогаш стоеше зад архитектите и ги „трпеше“ и тогаш кога никој друг не го правеше тоа. Редакцијата на Порта 3 од сè срце ѝ ја честита наградата и пензионирањето.

Прво за наградата, бидејќи е актуелна во моментов, но и многу значајна. Оваа награда е еден вид круна на Вашата професионална кариера. Како ја доживеавте веста за наградата, се изненадивте ли, што значи таа за Вас?

Најпрво да Ви се заблагодарам на честитките и за наградата и за пензионирањето. Додека пензионирањето беше неминовно, награда е сосема нешто друго. Токму така и јас ја доживувам, како што велите како „круна“, на сето мое залагање и придонес во изминативе повеќе од 38 години, во „мојот“ Музеј, во културата, во уметноста, архитектурата на градот, Републиката и секако во популаризација на нашата култура и надвор од нашата земја. Се изненадив многу, бидејќи не знаев дека сум кандидирана, но по првичниот шок, бев и сум многу возбудена и благодарна на оние кои сметале дека за својот труд во својата професија, заслужувам да бидам наградена.
Секако, сметам дека ова е и награда за Музејот и за сите „музеалци“, бидејќи едно е идеја, желба, знаење, но за реализација на секој проект е потребна екипа, соработка и поддршка.

Како е да се соработува со колеги во организација на настани? Стигнуваат ли архитектите навреме да си ги завршат обврските?

Јас сум архитект и нормално е да имам разбирање и да ги третирам со малку повеќе „попустливост“ моите колеги. Од друга страна со години се залагав за висок професионализам, нормално можен во овие наши „непрофесионални“ услови. Во секој случај, најголемиот број архитекти со кои сум соработувала, биле баш онакви какви посакувате да сте и самите: високопрофесионални, самоуверени со причина, јасни, со голема способност за соработка и прифаќање на сугестии и многу коректни.

повеќе на www.porta3.mk