Како да го простиме она што не може да се прости?

Во животот има причини за сѐ. Вистината е дека често не сме свесни и дека се тешиме со фрази дека сѐ е тоа судбина, виша сила, карма, лош хороскоп, проклетства и слично. Верувам дека има некоја вистина во тоа, меѓутоа, тоа никому не донело некакво објаснување, можеби само привремено олеснување и некој мал ветар во грб.

Но, штом ветерот ќе ја промени насоката, ние се враќаме на обалата и повторно отвораме стари рани, правејќи ги уште подлабоко затоа што ги чепкаме со цел да откриеме која е тајната која се стуткала длабоко во нашата болка, немоќ и тага? Што е толку погрешно во нашето постоење што сме морале да бидеме казнети? И зошто? Од каде им е правото на некои луѓе да ни одземат половина живот во еден миг, од каде им е правото емотивно да не убијат, а потоа да нѐ остават цел живот да се прашуваме „Зошто“? Каде е тука објаснувањето, каде е правдата, каде е тој баланс? Зошто тоа се случува? Има ли воопшто некаков одговор?

Верувам дека знаете за што пишувам... Пишувам за животот, за вистината, за она што луѓето го преживуваат... Веднаш ќе ви кажам, нема брз одговор, нема инстант решенија. Навистина, сето тоа го пробав... Нема ни книги за самопомош кои ќе ви го трансформираат животот за 7 минути.... Тоа е процес и одлука, процес во кој ги собирате деловите од себе, внимателно ги чистите и одново ги составувате и носите одлука дека ви е доста од страдање. Ви треба време, ви треба објаснување, потребно ви е да сфатите дека не сте вие виновни.

Се случила некаква лоша процена и некој погрешно одлучил и ви напраивл штета, за жал тие не мислеле на тоа што може да се случи понатаму, верувале или не, ама тие навистина во тој момент мислеле дека тоа е најдобро. Сѐ е тоа океј, но што сега? Зошто вие треба да простите некому?

Заради себе – сериозно. Сѐ додека не го направите тоа, вие ја продлабочувате раната од почетокот на приказната и имате сѐ помалку волја за живот, а оној кој ви го направил тоа – нема поим за тоа. Тие и онака имаат своја верзија на приказната и живеат во некој свој филм во кој проживуваат некоја сопствена драма. Сите ние сме во некој лонец полн со страдање во кој мислиме дека ако се повредуваме себеси или другите, ќе постигнеме нешто и цврсто се држиме до чувствата кои нѐ убиваат, а зошто сето тоа? За да пројде животот во болка и маски кои ја прикриваат болката?

Јас можам да ви кажам за себеси, затоа што одлучив поинаку, можев цел живот да бидам и лута и огорчена, имаше материјал за тоа, но не сакав да останам во тој круг, ми стана претешко. Затоа ве повикувам и вас, тргнете се од тој пат и вратете се меѓу живите додека сте сѐ уште живи. Тоа време искористете си го за да си простите и на себеси и на другите, на родителите, на бившите... Земете ја и таа љубов од другите кои се интересираат за тоа како сте, затоа што и тоа на некој начин е терапија. Најдете си го својот процес, поминете низ него и искачете се едно скалило над болката за да видите што точно се случило.

Кога ќе си дојдете на себе, ќе почнете да дишете, затоа што минатото секако не можете да го промените, па затоа обидете се да измерите колку многу сте се промениле... Без оглед на сѐ, сепак секое лошо е за некакво добро... И да, сосема е океј да бидете лути.

Лутете се, но не му дозволувајте на сонцето да зајде во вашиот свет. Уживајте и за инает на оние кои ве повредиле, велат игнорирањето е најдобра одмазда.

А кога конечно ќе се вратите на себе и целосно ќе простите, ќе видите дека тогаш ќе ви стане сосема сеедно, затоа што ќе бидете издигнати над целата ситуација.