Како Балканот ги виде локалните избори во Македонија

„Македонските владејачки социјалдемократи победија на локалните избори, што укажува на голема поддршка на новата македонска Влада, која се залага за забрзано придружување на Македонија во НАТО и Европската унија“, известува денеска Ал Џезира Балкан.

„Груевски: Најголемата одговорност е на мене, но изборите беа нефер“, објави српската новинска агенција Бета, објавувајќи повеќе вести за текот на гласањето и по пребројувањето на поголем дел од гласачките ливчиња.

Бета пренесува дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски најавил дека за сите изборни нерегуларности ќе поднесат претставки и жалби, но потенцира дека на новинрско прашање не одговорил дали ќе поднесе оставка на партиската функција.

„Заев: Ерата на локални шерифи заврши“, го пренесува Бета и победничкиот говор на македонскиот премиер.

„Премиерот на Македонија и лидер на СДСМ Зоран Заев оцени дека граѓаните и на локалните избори дале поддршка за неговата Влада, истакнувајќи дека завршила ерата на „локални шерифи“, пренесува Бета.

Српската државна новинска агенција Танјуг ја пренесува изјавата на политичкиот аналитичар Алеберт Муслиу, кој оцени дека најголем успех на локалните избори во Македонија е тој што минале мирно, иако имало информации за помали нарушувања, па дури и за „бугарски воз“ во урбаните средини, што претходно не било случај.

Српското Радио Б92, на својата Интернет страница известува за резултатите од локалните избори, информирајќи дека најголемата партија на етничките Албанци во земјата ДУИ води во 12, а во девет други албански партии, коалиции и група граѓани“.

Регионалната телевизија Н1, освен за текот на гласањето, истакнува дека СДСМ победила во повеќе општини во Скопје, меѓу кои и Центар, како и дека ја освоиле власта и во Битола и во Охрид.

Српски „Информер“ пак, пишува дека по големиот изборен пораз дел од членството на ВМРО ДПМНЕ бара Груевски да поднесе оставка од лидерската позиција. Тие информираат дека Републичкиот штаб за реформи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ синоќа побарало од Груевски да поднесе оставка и со тоа да продолжат демократските процеси во партијата и да закаже конгрес, на кој членовите на партијата слободно ќе изберат нов лидер.

Српската Радио телевизија (РТС) информира за победата на СДСМ, повикувајќи се на податоците на Државната изборна комисија, констатирајќи дека социјалдемократите водат во повеќето општини.

„Социјалдемократите во Македонија празнуваат, ВМРО-ДПМНЕ претрпе тежок пораз на вчера одржаните локални избори“, информира утрово бугарската новинска агенција БТА.

„Социјалдемократите со триумф на локалното гласање во Македонија“, пишува денеска бугарски Фокус.

„Зоран Заев: Дочекавме слобода“, е насловот под кој бугарски Фокус информира за изборите.

„Социјалдемократите на премиерот Зоран Заев и националистите на ВМРО-ДПМНЕ, кои владееа со децении, се натпреваруваа со своите кандидати во околу 50 општини со претежно македонско население“, пишува софиски „Дневник“, дополнувајќи дека победата на СДСМ аналитичарите ја сметаат за знак дека народот во Македонија сака да се задржи прозападниот курс.

„Македонските социјалдемократите победија на локалните избори“, објавува утрово хрватската новинска агенција Хина, кусо информирајќи дека тоа претставува поддршка на новата за Влада за забрзани атлантски и евро-атлантски интеграции на земјата.

Дневно.хр, информирајќи за победата на СДСМ, го цитира Заев, која за време на предизборната кампања најави дека Македонија ќе биде 30-те земја-членка на НАТО и оти ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Новинската агенција на Босна и Херцеговина Фена, соопштува дека СДСМ води во голем број општини во Македонија и оти синоќа во поголемите градови веќе се прославувала победата во првиот изборен круг.

„СДСМ тешко го порази ВМРО-ДПМНЕ “, е насловот под кој на својата Интернет страница информира Радио Сарајево.

Албански Балканвеб информира за локалните избори, наведувајќи дека СДСМ убедливо победила, а албанските партии добиле само неколку општини.