Кај Македонците се зголемува страста за коцкање на Интернет

Интернет - коцкањето во Македонија зема се поголем замав, а проценките се дека годишно на овој начин од македонските граѓани во странство се одлеваат и по неколку милиони евра.

Станува збор за пари врз кои државата нема никаква контрола бидејќи граѓаните се коцкаат на странски сајтови што нудат широк спектар од разни игри на среќа. Оттука, и државата не може да ги оданочува.

Инаку, игрите на среќа на интернет се проблем низ цел свет. Многу држави направија измени во законот за игри на среќа, а со цел да може да го контролираат концкањето на интернет и да не дозволат надворешен  одлив на парите. Овој вид на коцкање од годинава е озаконето и во неколку сојузни држави во САД кои проценија дека ќе можат убаво да ги наполнат своите буџети преку оданочување на парите кои се вртат преку ваквиот начин на игри. Проценките се дека коцкањето на интернет на годишно ниво во САД надминува 6 милијарди долари. Сепак, во САД е забранета за игра најпопуларната интернет-страница за игри на среќа Покерстар. поради даночно затајување.
Анализите покажуваат дека 11 отсто од сите интернет корисници се коцкале он лајн на сајтовите кои ги приредуваат игрите. Најмногу од нив играат Тексас покер и се обложуваат на спортски натпревари, но присутни се и други игри како блек џек, рулет, бакарат, крапс, кено, бинго, а присутни се и покер апарати или слот машини како што се популарно наречени.

Единствен услов да пристапите на ваквите сајтови е да се регистрирате и да имате кредитна картичка преку која ќе може да ги уплатувате влоговите додека играте. Мислењата на играчите се различни, но сепак преовладува ставот дека хазардните игри во интернет коцкарниците се намесетни на штета на играчите. Главна предност во однос на играњето во вистинските казина е тоа што седите дома пред својот компјутер и сте виртуелно присутни во коцкарницата. Но, тоа уште повеќе ја зголемува опасноста од навлекување на комар бидејќи можете да играте деноноќно, не мора да го откриете идентитетот ниту да кажувате колку години имате. Со само еден клик на компјутерот, вие сте веќе во светот на коцката од каде потоа многу тешко се излегува.