Кај Бит-пазар ќе има крстосница на два ката!

Нови режими на движење на сообраќајот ќе воведува градската власт во наредниот период на повеќе улици во централното градско подрачје, како во Малиот, така и во Големиот ринг. Kако причина за такво нешто се планираните градежни активности на неколку сообраќајници.

Со други зборови, некои улици ќе се затворат, па затоа ќе мора други улици, кои сега се еднонасочни, да станат двонасочни. На трети, пак, режимот ќе им се менува во зависност од потребите на терен, информираат градските власти. Тоа значи дека ќе мора да се менуваат и досегашните навики за возење.

Kружна крстосница на две нивоа кај судовите

Проширувањето на „Даме Груев“ ќе повлече и нов режим за улицата Димитрија Чуповски во строгиот центар, кај некогашен Рекорд, која според идејата на градската власт треба да стане делумно пешачка зона.

- Улицата ќе се претвори во пешачка зона со ограничен пристап на моторниот сообраќај. Меѓутоа, воспоставувањето на ваквиот режим зависи од тоа дали ќе се направи договор со Општина Центар за меѓуопштинска соработка бидејќи улицата е под нивна надлежност - изјавија надлежните.

Од Градот веруваат дека со проширувањето на постојните, изградбата на нови улици и со воведувањето нови режими на одредени сообраќајници во иднина значително ќе се растовари метежот во централното подрачје.

- Во моментов се работи на неколку проекти за утврдување на режимот на сообраќај на повеќе улици во градот со цел да се зголемат проодноста и безбедноста во сообраќајот - велат одговорните за сообраќај во Градот.

Во буџетот на Скопје за в година се издвоени пари и за проектирање и изградба на нови кружни крстосници - една кај поранешна НИП „Нова Македонија“, втората пред подвозникот кон Црниче, а третата после подвозникот, сите три во функција на подземниот булевар Македонија што ќе се гради. Исто така, голема крстосница на две нивоа е планирана кај Судската палата и уште една на булеварот Србија и улицата Христо Татарчев во Аеродром. Идејата за кружна крстосница кај „Хубо“ е отфрлена поради тоа што нема техничка можност да се проектира на тој простор. Наместо тоа, оваа крстосница, каде што има значителен застој, ќе се реконструира.