Каде се живее најдобро: Скопје на 161 место според квалитетот на живот

Главниот град на Македонија – Скопје е рангиран на 161 место според квалитетот на живот, покажува истражувањето на американската консултантска фирма Мерсер. Тоа е пад од две места во однос на 2017 година.

Што се однесува на градовите од поширокиот регион, најдобро рангирана е Љубљана (75 место), Атина (86), Загреб (98), Букурешт (107), Софија (116), Истанбул (134), Белград (139), Сараево (159) и Тирана (176).

Компанијата Мерсер при класификацијата зема предвид 39 критериуми од криминал до управување со отпади, транспорт, електроснабдување, телекомуникациските услуги и клима. Австриската престолнина деветта година по ред ја предводи ранг-листата на Мерсер, на која се наоѓаат 231 град. Веднаш зад Виена каде квалитетот на живот е најдобар, се Цирих, Окланд, Минхен и Ванкувер, додека на дното е јеменскиот главен град Сана.

Виена ја предводи листата на Мерсер поради безбедноста, но и поради ефикасниот јавен транспорт и различната културна понуда.

Од првите десет места во класификацијата – осум припаѓаат на европски градови, кои според Мерсер пружаат најдобар квалитет на живот.