Каде го изгубивме човекот во нас, каде ја изгубивме човечноста?

Живееме во некое чудно време, каде се има своја цена, се нешто се купува и продава, а каде останаа вистинските вредности, она што навистина е вредно за внимание, почитување, она што не се купува, ниту продава? Каде исчезнаа образот, ветувањата, почитта, традицијата, моралот и дадениот збор?

Во домот на моите родители ме научија дека не треба да ветуваш нешто што не може да се исполни, дека дадениот збор е светост, а моралот и чесноста го чуваат образот, дека секој човек треба да се почитува, без оглед на тоа кој е, како се вика и од каде доаѓа... Дека не е важен неговиот верски и политички статус, ниту неговото потекло, ниту тоа дали е богат или сиромашен и дека најважна е неговата душа. Од материјалните работи не можеш да дознаеш ништо, но можеш од постапките. И зборовите некогаш знаат да измамат, но делата и постапките – тие никогаш не лажат.

Живееме во некој свет во кој не е модерно да се биде чесен, свет во кој се мериме според автомобилите и парите. Какви се овие времиња, во кои жените се ценат според големината на атрибутите. Полу-голи шетаат низ улиците, објавуваат милион слики на социјалните мрежи, па девојки, зарем немате некој да ви каже дека тоа не чини, зарем не се срамите од вашата гола кожа пред очите на илјадници луѓе? Утре ќе бидете мајки, снаи, сопруги, зарем не се грижите за вашето дете?

Чудни се овие времиња, сѐ се купува и се продава, а јас не можам и нема да се помирам со тоа дека човечноста се крие од туѓите очи и излегува на површина само кога ќе пристигне некаква неволја.