Каде да се шетате викендов?

„Гола месечина“

На отворена сцена поставена на фудбалското игралиште кај паркот на езерата во Општина Аеродром од 21 јуни до 30 јуни ќе се одржи првиот Меѓународен фестивал на комедијата насловен како „Гола месечина".

Народен театар Битола на 24 јуни ќе настапи со претставата БЕЗ ПАНИКА според „Паника“ од Миха Милиахо во режија на Благој Мицевски.

На 25 јуни е претставата „Подземна комедија“ од Христо Бојчев во режија на Деан Дамјановски во продукција на Народен театар Струмица „Антон Панов“

„Солунски патрдии“ од Миле Попоски во режија на Коле Ангеловски во продукција на Драмски театар Скопје ќе се изведе на 26 јуни.

Викенд на гордоста во Скопје

Организаторите на Викендот на гордоста во Скопје, кој ќе се одржи од 22 до 25 јуни, ја објавија долгоочекуваната програма за манифестацијата.

Овогодишниот Викенд на гордоста во Скопје е во организација на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници”, ЛГБТИ центарот за поддршка и ЛГБТ Јунајтед Тетово. Целта на серијата настани во рамките на Викендот на гордоста е да креираат простор за ненормативни форми на социјални светови, односно релации, идентитетски позиции, и телесни стилови, кои во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, изродени, ненормални, неуспешни, патолошки, чудни итн.

Фестивал „Индија“ во Градски парк 

Здружението за промоција на индиската култура „Пријатели на Индија“ од Скопје во чест на Меѓународниот ден на јогата ќе биде домаќин на фестивалот „Индија“ што ќе се одржи на 24. јуни 2017 година (сабота), во Градски парк - Школка, од 9:00 – 15:30 часот.

„СКОПСКО ЛЕТО 2017“

Под покровителство на Градот Скопје и Министерството за култура на Република Македонија, годинешново СКОПСКО ЛЕТО ќе понуди 40 пријатни летни вечери исполнети со уметност од околу 900 учесници во 52 програмски термини, исполнети со концерти на класична, народна и џез музика, драмски, балетски и оперски претстави, изложби и филмски проекции, специјални проекти и премиери, содржини презентирани од домашни и изведувачи од 16 држави во светот.

На програмата денеска во МОБ е Реквием од Моцарт, под диригентство на Иван Еминовиќ, во режија на Дејан Прошев.

Како солисти ќе настапат Нада Талевска Спасовска - сопран, Благој нацоски - тенор, Ирена Кавкалевска - мецо сопран, Владимир Саздовски - бас, хор мајстор Јасмина Ѓорѓеска.