Санацијата на уличниот дефект од Ф-350мм на ул.Козле бб, кај црквата Св.Јован во населба Козле, се продолжи поради тешките теренски услови, сложеноста на дефектот и временските услови, кои го прават местото на дефектот небезбедно за работа, информираат од ЈП Водовод и Канализација. 

Поради сложените услови едно лице кое работеше на санацијата се здоби со мала повреда, се вели во соопштението.

Прекинато водоснабдување имаат корисниците од ул.Козле, ул. Миле Поп Јорданов, ул, Стогово и дел од ул. Рузвелтова, а поради празнење на водоводниот систем, пумпената станица Козле е исклучена во 17:00 часот, при што населбите Жданец, Трнодол и Нерези остануваат без вода до санирање на дефектот. Екипите на Водовод и канализација -Скопје кои се на терен, прават напори да се санира дефектот најбрзо што може. Се очекува тоа да биде во доцните ноќни часови.

Исто така обезбедени се и 2 цистерни со питка вода за граѓаните кои кружат, првата во Трнодол, Жданец и Нерези, а втората во населба Козле. Се извинуваме за непријатностите кои ги имате и се надеваме на Ваше разбирање, додаваат тие во соопштението.