Јована Јаневска: Пет години јубилеј - ПР агенција „Ханибиз„ во Македонија

Интервју со Јована Јаневска: Пет години јубилеј - ПР агенција „Ханибиз„ во Македонија

Во денешното интервју за Скопје Инфо разговараме со Јована Јаневска – менаџер за односи со јавност во „Ханибиз“. Причина за интервјуто е фактот дека оваа ПР агенција одбележува пет години постоење во Македонија.

Во интервјуто вели дека фактот дека со секој клиент дишат  како  едно, споделувањето на проблемите и успесите ги прави поразлични од другите ПР агенции на пазарот.  Денес агенцијата нуди интегрирани маркетинг комуникации кои опфаќаат: односи со јавност, менаџмент на социјални медиуми, организација на настани и промоции, а посебно се горди на делот за графички дизајн.

Скопје Инфо: Најнапред се наметнува прашањето: Што е „Ханибиз“?

Јована Јаневска: За мене пред се е местото во кое се создаде мојата најубава професионална приказна, често знам да кажам дека растевме и се усовршувавме заедно.Во „Ханибиз“ сум од самите почетоци во 2012 година и во секоја смисла на зборот паѓавме, станувавме, учевме и редевме успеси како едно. За пазарот или нашите клиенти „Ханибиз“ е маркетинг агенција во која пред се наидуваат на тим од луѓе полни со позитивна енергија, но и знаење, тим подготвен да ја создаде и да ја примени во пракса нивната најдобра  и најсоодветна маркетинг стратегија.
 

Скопје Инфо: Оваа година прославувате пет години постоење на пазарот во Македонија. Кажи ни на кратко за развојот и развитокот на вашата агенција.

Јована Јаневска: После пет години веќе може да кажеме дека излеговме од кругот на старт ап компании. Сега сме веќе добро позиционирани на пазарот со богато портфолио на клиенти и што е најважно огромен број на успешно реализирани проекти и кампањи. Зад нас се пет многу убави но и да не се лажеме тешки години. Секој почеток е тежок, па така и нашиот пат не беше воопшто лесен, но она што не одржа сите овие години е токму големата желба за работа која ја имаме уште од првиот ден, доброто раководење, снаодливоста како клучна во секој сегмент од бизнисот но и среќата, некако носиме со себе позитивна енергија сите членови на тимот.

Скопје Инфо:  Несомнено веќе сте бренд на пазарот. Колку беше тешко да се изгради вашето име во Македонија?

Јована Јаневска: Верувам дека Љупка, основачот на „Ханибиз“ направила вистинска одлука и во право време донела одлука за формирање на компанија која ќе нуди маркетинг услуги но со малку поинаков пристап. Влеговме на пазарот како мала компанија, која донесе свежина и која на работите им пристапи од еден поинаков агол.  Често на средбите со клиентите наидувавме и се уште наидуваме на презаситеност и едноличност на услугите кои им ги нудеа и нудат дел од маркетинг агенциите. Дефинитивно од големиот број на маркетинг агенции не издвои нашата посветеност кон клиентите, пожртвуваноста и фактот дека со секој клиент дишеме како едно, нивните проблеми се и наши, а на нивните успеси најмногу се радуваме ние.

Скопје Инфо: Како изгледа еден просечен работен ден во едно такво креативно опкружување?

Јована Јаневска: Нема ништо поубаво од заминување на работно место без притисок и огромно чувство на задоволство. Убаво е да се биде во опкружување во кое владее среќа, позитивна енергија и многу смеа. Во моментов сме тим од луѓе кои неверојатно се дополнуваат и кои уживаат во исполнувањето на дневните работни обврски. Еден ден го сочинуваат многу телефонски повици и меилови, средби и секако реализација на зацртаните цели и кампањи за нашите клиенти.

Скопје Инфо: Што се нудите денес како услуга? Што е тоа што вашата агенција ја прави поинаква од другите?

Јована Јаневска: „Ханибиз“ од секогаш била агенција која кон секој клиент пристапува на различен начин и нуди стратегија според реалните потреби на компанијата за која работи и ја застапува. Нудиме целосни интегрирани маркетинг комуникации кои опфаќаат: односи со јавност, менаџмент на социјални медиуми, организација на настани и промоции, организираме обуки, а многу горди сме на одделот за дизајн посебно на нашиот креативен директор Влатко, чии дизајни се извезуваат во странство и многу наши дизајни на амбалажи во прехранбената индустрија се наоѓаат на полиците на европските маркети.

Скопје Инфо:  Кој се наоѓа на листата на клиенти со кои со задоволство соработувате?

Јована Јаневска: Портофилиото на „Ханибиз“ е богато со клиенти од секоја област. Изминатите пет години работевме со клиенти од областа на здравството па се до тешка метална индустрија. Секој клиент без разлика дали е голем или мал е позитивен предизвик за нас. Не радува фактот што со секој клиент, без оглед дали се уште работиме или не имаме реализирано одлични проекти и меѓусебно многу се почитуваме. Не ретко се случува и од професионалната соработка да произлезат вистински пријателства.

Скопје Инфо:  На кратко, пазарот со ПР услуги во Македонија секојдневно се повеќе и повеќе се развива.Каде е Македонија во споредба со останатите земји од регионот и ЕУ?

Јована Јаневска: Зад нас е една тешка година, 2016 беше година во која бизнис секторот претрпе неколку сериозни удари се уште сме во политичка криза која сакале ние да признаеме или не и тоа како влијае на бизнисот . Во такви услови тешко е да се следат некои новини кои ги наметнуваат европскиот и светскиот пазар но не е неизводливо. Клучна работа во следењето на светски трендови во услови на домашна криза е подготвеноста да изнајдете начин да воведете новини во работењето и да бидете успешни. Ако погледнеме наназад неколку години сметам дека токму основањето на неколку нови маркетинг агенции во кои се вбројува и нашата донесоа вистински промени и го раздвижија пазарот.

Скопје Инфо:  Кои се вашите идни очекувања околу развојот на ПР сегментот во Македонија?

Јована Јаневска: Еден период бевме во фаза во која се случуваше секој да нуди услуги од областа на односите со јавност и дојде до некое нарушување на пазарот. Денес, самите клиенти се многу посвесни и прават сериозни истражувања пред да склучат договор со одредена агенција, па благодарение на тоа аматерите полека се повлекоа. Искрено се надевам дека ќе бидеме малку похрабри, не само ние кои работиме во оваа област, туку и самите клиенти ќе бидат пофлексибилни, ќе се отворат за јавноста и заедно ќе креираме кампањи и решенија кои ќе придонесат за нивен развој но и развој на маркетинг секторот во Македонија.

Скопје Инфо:  Тука се наметнува и прашањето: свесни ли се компаниите во Македонија за значењето на ПР-во нивната работа?

Јована Јаневска: Поголемиот дел од нив да, но за жал има и такви кои вратите ги држат цврсто затворени за   агенциите, а со тоа и за јавноста.  Не ретко се случува и дел од нив да ги применуваат нашите услуги од 3 до 6 месеци, да осетат една убава промена во нивната работа и потоа да ја прекинат соработката сметајќи дека тоа е доволно. Ова е и најчестата но и најголема грешка која ја прават домашните компании. Време е да научиме дека интегрираните маркетинг комуникации се нешто што треба да го применуваме постојано, притоа добро водејќи сметка тоа да биде умерено и со стил.

Скопје Инфо:  На крајот порака до компаниите кои сеуште се мислат дали да одвојат средства за ПР во буџетот за 2018 година.

Јована Јаневска: Ова е ера на соработка, ПР-от во соработка со интерактивните бренд комуникации, социјалните медиуми и дигиталниот маркетинг го диктираат развојот на многу индустрии, затоа потребно е да бидеме флексибилни и отворени за нови можности. Соработката со маркетинг агенција знае да биде многу шармантна и верувам дека е мал процентот на компании и луѓе кои немале бенефит и не го подобриле имиџот на својата компанија.