„ЈАСЕН“, МИСТЕРИЈА И УБАВИНА: Политичари и бизнисмени плаќаат и по 17.000 евра за улов на елен капиталец (ВИДЕО)

„Јасен“, мистерија и убавина опкружена со планини и езера. Вака накратко може да се опише природниот резерват кој во последниот период е многу актуелен, пренесува Телеграф.

До резерватот е потребен речиси еден час возење, без разлика дали се патува од страната на Сопиште, Соње и Ракотинци или, пак, од другата каде што патот се дели од пред населбата Драчево кон Батинци, Марков манастир и Говрлево.Кога ќе пристигнете до комплексот, веднаш се забележува строгото обезбедување бидејќи во „Јасен“ не може да се влезе без посебна дозвола.

„Јасен“ е распослан меѓу планините Караџица и Јакупица од една страна, па до Катланово, Матка и Македонски Брод од другата страна.Комплексот лежи на дури три езера, Козјак, Св. Петка и Матка. Токму затоа нуди услови за риболов, планинарење и за она што е најважно и што на „Јасен“ му носи најголеми приходи - ловот.

Ловот веќе стана страст и престиж за богатите, па речиси секоја недела кога е ловната сезона, од август до декември, доаѓаат ловџии од цела Европа. Организирано, во групи се носат во „Јасен“ за да уживаат во ловењето и во страста што ја разбудува ова хоби. Тие не прашуваат за цена кога треба да се лови, а преспиваат во ловџиската куќа каде што сместување чини 100 евра од ден за човек. А во „Јасен“ навистина нема што нема. Диви свињи, диви кози, фазани, мечки, волци, срни, еребици.

Дека „Јасен“ стана топ-дестинација за ловење говорат и приказните за тоа кој се минал таму. Иако никој не сака да потврди, се говори дека во „Јасен“ поминале неколкумина руски бизнисмени, Раул Кастро, Силвио Берлускони, како и основачот на луксузниот накит „Сваровски“.

- Основната намена на „Јасен“ е да понуди лов. Според ценовникот кој го имаме, капитален улов на обичен елен чини 17.000 евра, за дива коза 2.000 евра. Отстрелот на дива свиња, срна или на елен лопатар се мери според големината на роговите. Колкав е капиталецот, толкава е и неговата вредност - нагласува директор на резерватот Оливер Андонов.

Низ резерватот минува и патот кон Македонски Брод, кој буквално го сече комплексот. Но доколку некогаш биде пуштен за сообраќај, од Скопје до Брод ќе се стигнува за час и половина наместо како сега да се кружи половина Македонија преку Кичево.