Јас сум таа која цел живот си ги сечеше сопствените крилја...

Секогаш беше заради некого. Или нешто. И секогаш верував дека ја правам вистинската работа. Верував дека секоја моја одлука да бидам малку помирна, малку понормална, малку покласична, малку постандардна, малку пообична, малку помалку гласна, повеќе на располагање, поприлагодлива, е всушност добра работа. За мене. За другите. И тоа го правев со години. 

Затоа што мора да се прилагодиш за да преживееш. Така велат. Тоа го бараат од вас. Некој ќе ме замоли и јас, баш кога ќе посакам да одам на друга страна, ќе ги променам плановите и одам онаму каде што сум „попотребна“. Понекогаш тие барања беа направени со висок тон и прекорно, па со големо чувство на вина се откажував од одмор, слободно време, од своите желби и планови. Често се смеев на шеги и поддржував одлуки кои другите ги носеа, затоа што тоа беа „мои луѓе“ и „морам“ да ги поддржам. 

Понекогаш разменував допири иако не чувствував дека моето тело, раце и усни навистина го посакуваат тоа. Тоа не беа мои моменти. Тоа беа негови моменти. Јас само, понекогаш, мислев дека се мои. Ретко го искажував моето мислење, затоа што се плашев што ќе мислат за мене. Мислев дека луѓето ќе се откажат од мене. Проголтав многу вистини, потврдив многу лаги. Несвесна дека го правам тоа. Најчесто ги менував своите планови во текот на неделата, викендот, дури и денот, доколку некој уверливо, доволно фино и упорно, би ги навел своите причини зошто треба да го направам она што таа личност го сака. 

И јас, наспроти желбата за одмор, сон и тишина, ги игнорирав своите гласови и чекорев според звуците на нивните зборови. И длабоково верував дека луѓето се посреќни затоа што сум тука за нив, што им давам време, простор, енергија. Дека гледаат колку се трудам и колку сум покрај нив. Тие ми кажуваа дека се среќни. Секако дека беа, го правев она што тие го сакаа. Истовремено  бев и фрустрирана. Понекогаш и лута. А никогаш не знаев зошто. 

Чувствував дека нешто ми недостасува, дека јас давам, а не добивам доволно. Не знаев ни кој ми одзема нешто од мене, ниту знаев што ми одземаат. Обвинував, а не бев ни свесна за тоа. Ги обвинував другите, политиката, земјата, работата, директорите, партнерите, а всушност... Не знаев кој и зошто е виновен за тоа мое чувство на празнина. Осудував, тивко и скриено. И повторно, не бев свесна дека го правам тоа. И тоа траеше многу долго. 

И тогаш, во еден момент од мојот живот, сѐ се промени. Можам да кажам дека бев подготвена да „прогледам“. Тоа беше одамна. И фала му на Бога за тоа! Во тој конкретен момент многу јасно и чисто видов дека како луда трагам само по една работа. Да бидам сакана. Прифатена. Видена. Почувствувана. Од моите луѓе, пријатели, соработници, партнери, сите. Да ги почувствуваат и признаат моите потреби, моите „жртви“. Таа потреба другите да ме сакаат и прифатат, да ми дадат поддршка, разбирање, дел од своето слободно време, разговор, е несвесна потреба. И сите ја имаме. Таа ни е вродена. 

И не ми ги кажувајте тие приказни дека секогаш гласно кажувате сѐ што мислите, дека секогаш го кажувате она што го чувствувате и дека секогаш искрено ги бакнувате оние кои во тој момент ќе посакаат да ве бакнат. Затоа што знам дека тоа не е вистина. Сите ние, взаемно, често, паралелно, понекогаш жестоко, понекогаш малку, се лажеме себеси.

Зошто?

Затоа што до крајот на животот сме во потрага по Светиот грал. Светиот грал е ЉУБОВТА. ПРИФАЌАЊЕТО. ПРИЗНАВАЊЕТО. 

Така во еден момент од мојот живот, Универзумот се погрижи да ми покаже дека Светиот грал, е во моите раце. Зошто не успевав да се напијам без оглед на тоа колку се давав, жртвував, зборував колку се грижам, слушав колку ме сакаат?

Затоа што, онаа која требаше тоа да ми го каже – бев ЈАС. Јас бев таа која си го гасеше сопственото светло. Јас бев таа која се лажеше. Јас бев таа која се разболуваше себеси. Јас бев таа која не се ценеше себеси доволно. Јас бев таа која се осудуваше себеси. Јас бев таа која си ги сечеше сопствените крилја, секогаш бев јас таа... Беше болно и отрезнувачки, но и исцелувачки. Затоа што од тој ден, ја сменив лентата. Почнав да си го давам на себеси она што го барав од другите и тоа го правев во тишина. Секој ден учев како се прави тоа. Одново и одново. 

Почнав да си простувам себеси што се одрекнував од своите зборови, барања, потреби, одмори, слободи, задоволства и почнав да им простувам на другите што јас очекував тие да ми дадат нешто што никогаш не беше нивна задача и обврска да ми го дадат. Не беше лесно, но сега, после сѐ, чувството е навистина слатко.

После малку борби со ветерници, по многу паѓања и станувања, јас сум таа која конечно виде дека ЈАС имам шарени, големи, блескави и силни крилја. И на овие мои крилја никогаш не им беше потребна потврда од другите за  да можат да се рашират и да летаат. Тоа беше меѓу Бог и мене. И фала му на Бога за тоа, затоа што од тој момент јас во моите раце го држам мојот Свет грал. И повеќе не сум жедна. 

Никој не нѐ изневерува. Ние сме оние кои си го правиме тоа на себеси. Она што ја прави целата разлика на овој свет е тоа што мораме да останеме на нозе носејќи ја сопствената вистина и да си дозволиме да видиме кој не ја споделува таа вистина со нас. Сѐ она што си заминува, врските, луѓето, околностите, сѐ тоа е нашата илузија дека нешто е љубов, партнерство, некаква цел. И на крај сфаќаме дека ние сме таа илузија. 

Никогаш не се откажувај од своето Светло, само за некакво прифаќање, пофалби, поддршка и љубов од другите. Таквата љубов, каде треба да се откажеш од себеси, никогаш нема да биде твоја љубов. Твојата љубов ќе дојде тогаш кога ќе се прегрнеш и прифатиш себеси како најголем подарок.