Јас сум повеќе од стереотип: Не носам штикли, не сакам да се шминкам, не сакам шопинг!

Не сакам да се шминкам. Не носам високи потпетици на работа, ниту пак тесни комплети. Не сакам долги нокти. Не одам на медикир. Ми се накострешува косата и на самата помисла да одам во солариум, а и депилацијата би ја прекокнала кога би можела. 

Не водам долги разговори со пријателките на кафе. Не глумам дека не можам да подигнам кутија од 2 килограми и не сакам да се претставувам како нежно суштество.

Мразам шопинг и одам само кога морам. И тогаш најрадо би пуштила некој друг да ја заврши таа обврска наместо мене и сонувам за денот кога се ќе се прави преку интернет и нема да морам да се буткам помеѓу луѓе во бутик. 

Каква жена сум јас? Ова прашање би си го поставил секој кој не ме познава.

Јас сакам да готвам и не мислам дека сум помалку кул поради тоа. Сакам и да јадам, иако не би требало тоа да го признаам Но, не сум расположена да глумам и да јадам брокула преправајќи се дека е вкусна. Карфиолот е многу повкусен од пицата. Аха, важи. Јас највеќе сакам да носам патики и не, високите потпетици не се удобни. И во нив не се чувствувам како да сум боса. Тие кои тврдат дека високи потпетици од 12 сантиметри се  поеднакво удобни како и добрите патики, или никогаш не носеле патики или лажат. Трето нема.

Сакам да читам. Од Толстој до Е.Л.Џејмс. Не мислам дека сум помалку интелигентна затоа што сум ја прочитала „50 нијанси на сиво“ и немам проблем со тоа. Повеќе сакам да гледам љубовни филмови со среќен крај отколку оние во кои Рамбо ги убива сите и што има лошо во тоа? Како е возможно една жена која не сака на лицето да става пудри, бронзери, руменило и други работи за кои не ни знам за што служат, да биде емотивна и чувствителна? Да биде во состојба да крене нешто потешко од мобилен телефон и без престан да плаче на „Титаник“? Затоа што не се вклопува во стереотипот наметнат од општеството за тоа што треба или не треба да биде жената.

А денес единственото нешто што треба да бидам сум јас. И секој ден јас сум тоа што сум и јас не размислувам многу за тоа што мислиш ти. Оние кои не ме познаваат ќе помислат дека сум запуштена, бушава и намќореста жена која не комуницира со никого и не сака никого. И повторно стереотип.  Напротив. Јас сум секогаш весело искрена и искрено тажна и искрено лута. Мојата облека е секогаш чиста, само што одбирам да биде од памук, а не од синтетика, чипка и ликра.

Луѓето ќе мислат дека со другите комуницирам нервозно, нељубезно и дека ги избегнувам. Повторно грешка, иако од тоа што го кажав би можело баш тоа да се заклучи. Добро, заради мојата густа коса, често сум бушава. Признавам. Но, мразам фенирање. Сакам да пишувам. Најчесто за себе. Знам дека на некои неостварени луѓе им одам на нерви. Тие се во фазонот: „Што се прави оваа паметна и кому е гајле што има да каже?“

А на никој и не треба да му биде гајле. Јас го правам она што мене ме прави среќа, а една од тие работи е пишувањето. Колку од вас си го дозволуваат луксузот да го прават она што ги прави среќни и да не се оптоваруваат со тоа што мислат другите за вас? Постојат и луѓе кои се намуртуваат кога ќе се препознаат во моите редови. Мислат дека не знам, а знам. Само навистина не ми е грижа.

Искреноста е многу поедноставна од лажната љубезност и лажните насмевки. Лагите уморуваат, а од претераното смешкање се создаваат брчки. Јас секогаш бирам природа пред бетон. И не сакам да излезам во сабота во град, дотерана и стегната , за да ги импресионирам луѓето за кои не ми е грижа и кои не ги ни познавам. Не сакам да одам на фенси места. Во суштина воопшто не ни сакам да излегувам. 

И не ми е грижа што некои луѓе мислат дека сум лицемер, затоа што се претворив од девојче кое секој ден одеше во кафулиња и дискотеки и пушеше две кутии цигари на ден во жена која во сабота повеќе сака да гледа филм или да чита книги. И не размислувам многу за себе, туку живеам како што ми се живее. Не го програмирам својот доручек или ручек и не ја прескокнувам вечерата. Помеѓу бучавата и тишината, кај мене секогаш победува тишината. Помеѓу црно и бело секогаш одбирам бело. Не сакам сиво. Не сакам средина.