„Јас морам да пијам да се опијам без неа да живеам мајко, не можам" - песната со која прв пат Македонија се претстави на Евровизија

Не зори, зоро e македонска поп песна од Евровизискиот фестивал во 1998 година. Песната била изведена на македонски јазик од Владо Јаневски[1]. Тоа било првото претставување на Македонија на Евровизија како независна држава (претходно се натпреварувала како дел од Југославија) ​​и за прв пат македонскиот јазик се слушнал на вакво натпреварување.

Песната е љубовна балада во која Јаневски ја моли мајка си (според старата македонска традиција) да оди и од родителите на девојката која ја сака да ја побара нејзината рака. На еден суптилен поетски начин тој укажува на тоа дека ако родителите на девојката го одобрат бракот, мајка му треба да повика музичари за да ја прослават својата љубов, а ако одговорот е "не" старата мајка не треба да го проколнува семејството на девојката, туку да жали за неговата несреќа. Во меѓувреме неизвесноста станува неподнослива и тој посега по шише со вино, молејќи ја зората да не доаѓа, бидејќи така луѓето нема да ги забележат неговите насолзени очи.

Песната била изведена во Бирмингем, Б.Британија на 9ти Мај 1998 година. Владо настапил последен по ред, а песната добила вкупно 16 поени, пласирајќи се на 19 место од вкупно 25 песни.

Македонија не учествувала на Евровизискиот натпревар во 1999 година. Следниот настап земјата го имала во 2000 година, при што настапиле XXL со песната "100% те љубам", чиј коавтор е Владо Јаневски.