Јануари депресивен месец – неколку самоубиства го стресоа Скопје за кратко време

Во последниве неколку дена сме сведоци на поголем број самоубиства, особено во главниот град.

Половина од луѓето што се самоубиваат тоа го прават поради депресивни растројства, мал дел од нив има тешки душевни заболувања, а најчесто се крева рака на себе како лажен спас за излез од егзистенцијална криза. Вака накратко го објаснуваат психолозите најчестиот мотив за самоубиство на современиот човек во светски рамки.

Македонија се наоѓа меѓу првите три земји во Европа каде што самоубиствата се најмалку застапени.

Но, според последните информации, само во текот на вчерашниот ден се објави дека се самоубиле двајца, а девојка се бори за живот откако се фрлила од зграда. А веќе денеска се пишува дека 38 годишен скопјанец се обесил во парк шумата „Гази Баба“ во летниковец, а и дека друг скопјанец се прободел сам со нож.

Ова се пет случаи, во текот на два дена.

Според повеќето експерти, јануари е најдепресивниот месец во годината, а досегашните истражувања покажале дека повеќе од 75 отсто од луѓето сметаат дека најголем виновник за тоа е недостатокот од дневна светлина и лошото време.

При пресметувањето во обѕир се земени факторите како кратките денови и долгите ноќи, долговите по празничното славење и обидите за преживување до следната плата.