Јакимовски не попушта, карпошовци ќе ја блокираат „Партизанска“

Градоначалникот Стевчо Јакимовски нема намера да ги повлече урбанистичките планови за Карпош 3 и Тафталиџе, иако група граѓани се закануваат дека ќе ја блокираат „Партизанска“ во знак на протест. Тие се незадоволни, оти како што велат, плановите не се скроени во нивен интерес, туку, сметаат дека Јакимовски интервенирал во ДУП-овите за нечии бизнис потреби и цели. Притоа, сметаат дел од карпошовци, ќе се наруши квалитетот на живеење во двете населби.

„Немам намера да ги повлечам плановите оти сметам дека се во интерес на граѓаните. Со нив на граѓаните со денационализиран имот ќе им се овозможи да си ги остварат своите права. Улицата во Тафталиџе е проектирана уште во 2012 година и е во согласност со ГУП“, дециден е Јакимовски.

Незадоволните граѓани се противат на проектираната двонасочна улица кај пазарчето во Тафталиџе, која треба да излегува кај „Форца“, како и неколку планирани згради кај училиштето „Јан Амос Коменски“. Се прашуваат што е тоа што ги премислило надлежните неколкуте маркички за куќи во Тафталиџе, да ги претворат во висококатници. 

„Се оградуваме од секакви политички влијанија и конотации на нашето обраќање и истакнуваме дека целта на нашиот одбор е да се заштити зеленилото и нормалниот живот во нашата општина“, велат незадоволните граѓани од Тафталиџе и Карпош 3.