Ја паметите ли најпопуларната кафеана во старо Скопје?

Кафеаната “Метропол” била отворена во 1935 год. и станала најпосетена кафеана во Скопје. Нудела добра храна, пијалаци, добра услуга и музика. Во оваа кафеана гостувале многу странски уметници, меѓу кои “Трио Орлов” со репертоар на “Мјузикл Хала” и кабаре со раскошна гардероба и акробатски балетски точки. Сите точки биле во придружба на  оркестарот на Паја Тодоровиќ- Сарајлија кој со своите севдалинки создавал пријатна атмосфера, а “Метропол” примамлива кафеана. Кафеаната “Метропол” била за луѓе со многу пари и каде што постоел лимит  на трошење пари за една вечер. Газда на “Метропол” бил познатиот кафеанџија Васа Аврамовиќ.

Покрај секојдневната разновидна програма што ја нуделе скопските кафеани,  биле организирани и пречеци на Нова година  што претставувало новина за скопјани. Новата година скопјани ја пречекувале дома. На овие пречеци биле организирани богати програми, лотарии, игранки, шеговити пошти, ревија на убавици, кралици на вечерта (на пр. во Маргер). Пречекот на новите години во Офицерскиот дом  бил особено интересен и резервиран за членовите на Домот.

Офицерскиот дом претставувал некој вид на градска куќа, со огромна и светла сала во која биле организирани најубавите и најпосетените приредби, маскембали, забави, балови. Гости во Офицерскиот дом биле луѓе кои во градот претставувале елита, кои биле претставници на граѓанската класа , луѓе кои биле носители на новото и напредното  во градот. Пивницата во Офицерскиот дом била богата со пијалаци, а кујната била разновидна. Посетителите можеле да играат шах, билијард. Имало и читална со домашни и странски весници и списанија. Во Офицерскиот дом свирела воена музика, но имало и првокласна џез музика и модерни танци.