По минатогодишното гостување со изложбата „Вечниот ангел на милосрдието“ во Крушево,  Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје до крајот на годинава е домаќин на изложбата „Животното дело на Тоше“ организирана од Спомен-куќата на Тодор Проески  од Крушево.

Таа претставува фотографии од Тоше, некои досега и непознати во јавноста, како и цртежи кои на одбележувањето 10 години од неговата трагична смрт, на 16 октомври годинава во Спомен-куќата Крушево ги насликаа студенти од Штипскиот универзитет.

Директорките на двете национални институции, Рената Кутера-Здравковска и Елена Мирчевска, на отворањето истакнаа дека целта е да се нагласи она што ги поврзува нив како симболи на хуманост, добрина и љубов. Тие посочија дека Тоше беше голем следбеник и почитувач на делото на Мајка Тереза и одликуван со статуетки „Мајка Тереза“.

– Влашкиот момент ги поврзува двајцата, но најголемата заедничка нишка меѓу Тоше и Мајка Тереза е хуманоста и подадената рака. Со овој настан сакаме и да ја подигнеме свеста кај народот за помошта и искрената насмевка, онака како што беше нашиот Тоше – рече Елена Мирчевска, директор на Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево.

Изложбата, рече, ја отвораат во овој период од годината зашто и Тоше околу празникот Свети Никола ги правел хуманитарните концерти и собраните средства ги донирал за децата без родители. Неговата мисија ја продолжува и Спомен-куќата во Крушево и вчера организирала хуманитарна ревија од ученици и студенти.

Тоше кој  беше и амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, во 2004 година во МАНУ доби плакета и бронзена статуетка „Мајка Тереза“ за својата хуманост. На последниот концерт што го одржа на стадионот на 5 октомври 2007 година кој, исто така, беше хуманитарен и наменет за подобрување на условите во образованието, Тоше доби осветена стауетка од бел мермер „Мајка Тереза“ која тој им  ја посвети на своите родители.

Покрај изложба на портрети од Тоше, во амфитеатарот на Спомен-куќата на Мајка Тереза се прикажува и видео од најзначајните моменти од животот и кариерата на Тоше, врачувањето на наградата „Мајка Тереза“, како и снимки од Спомен-куќата во Крушево.