Афирмираниот мултимедијален уметник од Албанија Хелидон Ѓерѓи вечер во Чифте амам ќе го претстави проектот (Х)ам(м)ам кој е наменет токму за објектот кој, според уметникот, е современо место за комуникација.

Како што соопшти организаторот на изложбата – Националната галерија на Македонија, во првата сала на Чифте амам, Ѓерѓи поставува уметнички слики на разновидни рачно насликани емоциски знаци од виртуелната комуникација кои ќе бидат поставени на пентагоналните отвори на куполата и ќе бидат видливи како проекции од светлината што продира низ отворите на внатрешните ѕидови на просторот.

– Втората сала е комбинација на огледалата од Биеналето во Босна и Херцеговина и зачините од Манифеста, а третата сала, пак, која е исто така осмислена конкретно и специфично за просторот на Чифте амам, ќе биде замаглена просторија со дим, светлото кое благо ќе продира низ куполата ќе создава магична атмосфера, а во просторор ќе се шират звуци, создадени во соработка со албанскиот музичар Фатос Ќеримај, соопшти НГМ.

Хелидон Ѓерѓи (Тирана, 1970) е современ уметник кој се занимава со различни медиуми. Студирал на Академијата за уметности во Тирана. Со отворањето на границите на Албанија во 1991 година, се преселил во Италија, каде што ги проучувал визуелните уметности и стекнал диплома од Академијата за ликовни уметности во Неапол. Во 1997 година се преселил во Чикаго, каде што се усовршил во теорија и практика на уметноста на Универзитетот во Чикаго. Во моментов живее во Њујорк и предава на SUNY Old Westbury.

Учесник е неколку пати на Венециското биенале (и за ликовна уметност и за архитектура), и самостојно и групно, презентирал свои дела на Манифеста, Тиранското биенале и на голем број меѓународно признати визуелни презентации. Во моментов предава теорија на уметноста на колеџот SUNY Old Westbury.

Кустос на неговата изложба во Чифте амам е Ана Франговска, а посетителите ќе може да ја посетат изложбата до 24 август.