Изгубени лица, луѓе со скршеници - тимот за спасување на Водно со полни раце работа

Луѓе со скршеници, повозрасни граѓани кои добиле мозочни или срцеви удари додека биле на планина, се само дел од случките во кои биле вклучени обучените членови на тимот на планинската станица на Водно „Даре Бомбол“. Сите што имале каква било незгода на планината и го завртеле телефонскиот број 075 432-355 може да посведочат дека момците од единицата за итна интервенција на планина при Црвен крст на Скопје реагираат веднаш и овозможуваат прва помош.

Како што пишува Утрински, тимот брои од 15 до 20 обучени лица од кои најголемиот број работат волонтерски и секој викенд или празник се присутни во планинската станица на Водно од 10 до 17 часот во зима, а до 20 часот во летен период. Во тимот има и лекар, кој интервенира по потреба. Момците се таму додека работи жичарницата, но повикот до нив значи итно групирање на тимот и пристигнување до унесреќениот излетник. Минатата година имале 63 интервенции, а 30-мина граѓани биле транспортирани до болница. Најголем дел од членовите на планинската станица лани биле на обука на планината Велебит во Хрватска.

На Водно се случуваат најразлични незгоди, па често страдаат и пешаци кои се удрени од оние кои брзо возат велосипеди. Во една ситуација била удрена жена на која и' биле нанесени потешки повреди и се здобила со отворени рани. Но, по брзата интервенција на момчињата од планинската станица повредената била хоспитализирана и навреме ја добила потребната лекарска помош. 

Драматична, според Петровски, била и случката кога се загубило цело семејство со две малолетни деца на возраст од 5 и 8 години. Се изгубиле под патеката на жичарницата и се вртеле во безизлез низ шумата до 15 часот кога веќе почнало да се стемнува.

Жената имала болки во ногата и не можела да оди, а децата биле исплашени и премрзнати на студот. Кога побарале помош само кажале дека гледаат еден столб од жичарницата на Водно, но тоа било доволно за да можат двајцата спасувачи да ги пронајдат за 15-ина минути и со возило да го одведат до нивниот автомобил. Откако жената ја извлекле од тешко пристапниот терен ја ставиле на носилка.