Изградба и реновирање на детски градинки, најави Тевдовски

Нови проекти од областа на социјалата, инфраструктурата и поддршка на малите и средни претпријатија во фокус на Пролетните средбите на македонската делегација во Вашингтон.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој заедно со гувернерот Димитар Богов е на чело на делегацијата, се зборувало за нов голем проект од областа на социјалата, со кој ќе се обезбедат средства за изградба и реновирање на детски градинки, како и подобро таргетирање на социјалната помош.

„Во областа на социјалниот сектор зборувавме за еден поголем проект со Светска банка, во износ од 35 милиони долари, за поголем опфат на децата од предучилишна возраст. Станува збор, пред сè за изградба и реновирање на детски градинки и подобро таргетирање на социјалната помош. Втор проект која е важен и кој како идна соработка го договараме со Светска банка е проектот за подобрување и олеснување на транспортот и трговијата во регионот, кој би се направил на регионално ниво“, истакна Тевдовски.

Тој посочи дека во понапредна фаза се и преговорите за кредитната линија евтини кредити за малите и средни претпријатија во износ од 100 милиони евра, за која станало збор на состаноците со Европската инвестициска банка. „Оваа кредитна линија би се пласирала преку Македонската банка за поддршка на развојот. Таа би имала за цел да ги намали каматните стапки, да им даде на малите и средни претпријатија поевтини кредити за тие да можат да инвестираат и да ја движат економијата“, посочи Тевдовски за Гласот на Америка.