Издашноста на изворите на историски минимум: Скопје брои ситно до рестрикции

Oколу 250 илјади домаќинства и 5.700 фирми во Скопје не знаат дека бројат „ситно“ до рестрикции за вода, а слична е состојбата и со издашноста на изворот Студенчица, во кичевско, од каде вода за пиење добиваат 200.000 граѓани од седум општини, меѓу кои најголема е Прилеп.

- Долги низ години се користеше Рашче 1. По потреба се вклучуваше и Рашче 2. Годинава за прв пат ги вклучуваме и резервните извори, вели директорот на Центарот за санитарна контрола при скоспки Водовод.

Метеоролозите предупредуваат дека во следните две декади Македонија влегува во период на суша. Градовите веќе бараат алтернативни извори и се борат со губитоците. Вода засега има, но до кога?

Во подножјето на планината Жеден се наоѓа изворот Рашче. Ова е каптажата Рашче 1, местото од каде водата преку мрежен систем патува до домаќинствата во главниот град Скопје. Кога го посетивме изворот, сместен во атарот на истоименото село во општината Сарај, не пречека дожд. Но, и покрај врнежите, нивото на издашност беше само една третина од потенцијалот.

За скопјани да немаат проблеми со вода, во системот се потребни околу 4.400 литри вода во секунда. Во нормални околности, изворот Рашче 1 може да ги задоволи сите потреби со максималната издашност од 7.200 литри во секунда, но таа знае да падне и до половина од потребите на главниот град – 2.100 литри во секунда. Во моментов, Рашче 1 учествува во водоснабдувањето речиси со минимумот, со 2.400 литри во секунда. Недостигот се покрива делумно од изворот Рашче 2 со 1.000 литри во секунда. Остатокот од 1.000 литри во секунда потребен за оптимално снабдување на Скопје со вода, се покрива од резервните бунари во Лепенец и Нерези, при што во употреба се ставени дури 5 од вкупно 7.

Тоа значи дека во моментов се активирани речиси сите расположливи ресурси и резерви за главниот град непречено да има вода. 

(Извор - 360степени.мк)