Избрани 30 најдобри претприемачи под 30 години: Двајца Македонци на листата на Форбс

Секоја година, магазинот Forbes ги идентификува триесетте најдобри и најветувачки претприемачи под 30 години во дваесет различни индустрии. На овогодинешната листа ’30 Under 30′ опфатени се вкупно 600 претприемачи од сите категории, а на неа се најдоа и девет имиња на млади визионери од Балканот вклучувајќи двајца од Македонија, пишува Balkan Insight.

Од Македонија рангирани се двајца: Нина Ангеловска од Grouper и Жарко Димитриоски од Еден на Еден.

Нина Ангеловска, коосновач на Grouper.mk, во 2011 година на 21 година победи на национален натпревар со својот бизнис план со што го лансираше Grouper.mk, првата македонска онлајн платформа за купување на зделки. Во тој период, само 1% од Македонците имаа навика да купуваат онлајн, а денес Grouper.mk има повеќе од 2.500 трговски партнери и 170.000 регистрирани корисници.

Жарко Димитриоски, коосновач на Еден на Еден, ја основаше оваа маркетинг агенција заедно со својот брат во 2012 година. Познат е како ТВ водител, а откако ја основаше агенцијата, истата прерасна во компанија со 25 вработени која опслужува некои од најпознатите македонски брендови како што е Алкалоид. Неодамна, Димитриоски ја доби и наградата Претприемач на годината. 

Од државите од Балканот, за првпат рангирани се и луѓе од Косово. Станува збор за пејачката Рита Ора и основачите на организацијата Open Data Kosovo – организација која преку технологијата придонесува кон поголема транспарентност и одговорност во Косово.

Од Бугарија исто така има двајца рангирани. Лена Бориславова, адвокат во канцеларијата Georgiev, Todorov & Co, која преку работата во финансово право ги поддржува странските инвестиции во Бугарија. Рангирана е и Ива Цолова од JAMBA – Career For All која е дизајнер на истоимената онлајн платформа за едукација на луѓе со попреченост во развој и нивно поврзување со бизниси.

По еден рангиран има уште од Босна и Херцеговина, Романија и Молдавија. Од Босна и Херцеговина на листата се најде Јасминко Халиловиќ кој е основач на War Childhood Museum, од Молдавија рангирана е Михаела Спатару, пратеник во молдавскиот парламент каде е единствената жена во парламентот која работи на сајбер сигурноста, како и Флорин Бадита од Романија кој е основач на Corruption Kills, движење против декриминализација на обвинетите за корупција.

Листата на млади претприемачи можете да видете на следниот ЛИНК.