Рената Јајоска, кандидатка за советничка во Општина Аеродром го објави ревизорскиот извештај за работењето на Ивица Коневски, кој според неа, со години се криел од јавноста. Ревизорите уште во 2009 година констатирале големи неправилности во работењето, огромни пропусти и економски загуби за претпријатието кое го водел Коневски“, изјави таа.

На извештајот објавен од Јајоска, попладнево реагираше кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ. Во неговата реакција меѓудругото вели дека тој бил директор на ова претпријатие во 2007 година, а забелешките се однесуваат за 2005 година кога не чело на ова државно претпријатие бил кадар на СДСМ.

Неговата реакција ви ја пренесуваме во целост:

Почитувани,

со цел да го одвлечат вниманието од вчера објавениот скандал за рекетирањето што го спроведува Златко Марин по фирми што работат на територијата на општина Аеродром, СДСМ ги злоупотребуваат институциите на власта и креираат сценарија и обвиненија кои се чиста измислица.

Последните анкети за рејтинзите на кандидатите за градоначалници што излегоа во јавноста изминатите неколку денови од медиуми блиски до СДСМ, предизвикаа страв и очај во оваа партија. Станувајќи свесни дека безочното лажење не води кон победа, туку кон голем пораз, во паника на неколку денови пред изборите почнаа да манипулираат со измислени сценарија.

Така, денеска штабот на СДСМ во Аеродром излезе со прес-конференција во добро познат стил преку негативна кампања, измислувајќи ревизорски извештај од нафталин за наводни неправилности во работењето на ЈПССДП.

Напротив, сите забелешки од овој ревизорски извештај се однесуваат на работењето на претпријатието во времето на СДСМ, кое ми го оставија во „наследство“ кога застанав на чело на ова ЈП, па морав да се справувам со последиците од нивното недомаќинско работење. Успеав да ја зголемам наплатата на деловниот простор за дури 600 проценти и исто толку на кредитите за станбениот простор (а не 15%, бројка со која манипулираат во СДСМ), воведов ИСО стандарди за регулирање на процесите во работењето... 

Очигледно со извртување на вистината се обидуваат да го прикријат скандалот на наставникот по физичко, кој со месеци наназад ги „тероризирал“ фирмите во општината и од нив на најдрзок начин изнудувал пари за водење на неговата „црна“ кампања.

Наместо да се обидува да фрла црна дамка врз работењето на Општина Аеродром и моето водење на една од најуспешните општини во државата, раководството на СДСМ нека ги спореди ревизорските извештаи за Општина Аеродром со оние на општините Центар, Струмица, Куманово..., каде локалната власт со години наназад беше и уште е во нивни раце.

Општина Аеродром е пример за одговорно и економски стабилно работење. Нашата работа се разликува од нивната по тоа што ние сме транспарентни и отчетни, за разлика од нивните манипулации и контроверзи.

Но, граѓаните ги демаскираа и тоа ќе се докаже на 15 октомври. Омразата што ја сеат ќе си ја ожнеат на денот на локалните избори, кога ќе се соочат со нивниот најголем пораз досега.