Ивица Коневски: Нови инвестиции и проекти за подобар Аеродром

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ НА ИВИЦА КОНЕВСКИ ЗА СКОПЈЕ ИНФО

Скопје Инфо: Општина Аеродром им излага во пресрет на ивеститорите на станбени комплекси подобрувајќи ја инфраструктура. Интензивно се градат висококатниците на Џеваир, дали може да ни кажете колку во моментов станбени згради се градат и дали имате најава за изградба на нов станбен или деловен комплекс?

Секако, покрај кулите познати како „Скај сити“, каде е предвиден трговски центар, во фаза на градба се уште неколку објекти во Стар Аеродром и Ново Лисиче.

Скопје Инфо: Во 2013 година беше спроведена анкета на нашиот портал, каде граѓаните Ве избраа за најуспешен градоначалник во Скопје. Често пати ја нагласувате тимската работа како предуслов за понатамошен развиток за успехот воопшто. Како успевате таквиот принцип да го спроведете во работата?

Навистина голема чест е да се добие признание за успешна работа токму од граѓаните, бидејќи интересите на граѓаните ни се секогаш на прво место. Сите зацртани проекти на Општина Аеродром се фокусирани кон подобрување на условите за живот. За успешна реализација на овие проекти, како што и самите посочивте, неопходна е тимска работа со администрацијата, која несебично ја вложува својата енергија да се испланира прецизно секоја активност, да се најде најсоодветно решение, да се фатат навреме сите рокови, да се следи текот и конечно да се реализира планираното. Но, за успехот да биде целосен, морам да нагласам, дека голема улога има и несебичната поддршка што ја добиваме од Владата на Република Македонија, преку министерствата и другите владини институции, како и од Градот Скопје со низа заеднички проекти.

Скопје Инфо: Се залагате за младите да му се посветат на образованието и спортот, изградивте нови градинки, спортски сали и училишта. Организирате многу манифестации, како се чувствувате кога ќе го видите задоволниот израз на вашите сограѓани?

Точно е дека меѓу највисоките приоритети ни се младите и нивното здравје и развој, зашто тие се иднината и нашата најголема радост. Сметаме дека тоа најдобро може да се постигне преку вложување во образованието и спортот. Добар дел од проектите што ги работиме се токму во таа насока. Досега изградивме три нови градинки – „Сонце“, „Лавче“ и „Штркче“ со вкупен капацитет за повеќе од 600 дечиња, а четвртата ќе почне наскоро. Сите основни училишта комплетно ги реновиравме со нови фасади, прозорци, покриви, санитарни јазли и спортски сали, така што учениците добија солидни услови за учење, а наредната година основното училиште „Димитар Македонски“ ќе добие целосно нов објект, финансиран од Министерството за образование. Покрај тоа, сите ученици секоја година добиваат бесплатна училишна облека, а најдобрите ученици ги испраќаме на настава во Лондон. Децата во градинките, пак, учат англиски бесплатно. Исто така, максимално ги стимулираме децата да спортуваат преку голем број повеќенаменски игралишта и спортски сали што ги изградивме, како и два спортски центри „Ново Лисиче“ и „Јане Сандански“. Во нашата општина е изградена и куќата на фудбалот, како и 6 големи фудбалски игралишта и 4 тениски игралишта, а наскоро се очекува и изградба на нов тениски центар покрај кејот на Вардар.

Скопје Инфо: Резултатите се видливи, кои вложувања, инвестиции, градби ги сметате за капитални?

Дел од нив што се однесуваат на спортот и образованието веќе ги набројав. Тука би ги додал и инфраструктурните проекти како што се фекалната канализација во Горно и во Долно Лисиче во должина од над 50 километри, 10 модерни паркови, јавно осветлување и голем број нови улици и реконструкција на повеќе постојни, меѓу кои „Методија Шаторов Шарло“ (поранешна „Руди Чајевац“, „Ѓорѓи Капчев“, „Тодор Чангов“ и други.

Скопје Инфо: Неодамна беше отворен Градскиот парк кој е втор по големина во Скопје во скопската населба Ново Лисиче. До каде е грандиозниот проект за мега-паркот  „Рајска градина“?

Во Аеродром се предвидува изградба на нов парк чиј инвеститор ќе биде АД ЕЛЕМ. Овој капитален проект ќе се реализира по примерот на светските реномирани енергетски компании, кои покрај производството на енергија вложуваат и во заштита на животната средина и создавање нови зелени површини. Тој ќе биде втор по големина парк во Скопје по градскиот парк, кој е околу 50 хектари. Паркот во Аеродром ќе биде изграден на површина од 25 хектари.

Скопје Инфо: Општина Аеродром го ужива статусот на најзелената општина во Скопје, колку зеленило има?

Општина Аеродром е позната по големиот број паркови во сите нејзини населби и блоковско зеленило меѓу зградите. Доказ за тоа е фактот што во неа има 28 квадратни метри блоковско зеленило по глава на жител, што е 3 пати повеќе од европскиот проектантски стандард, кој изнесува 8,5 квадратни метри по глава на жител.

Скопје Инфо: Преку јавно приватно партнерство општината ќе добие тениски центар по урнек на рускиот и германскиот „Tennispark“. На која локација ќе биде изграден овој центар (кажете ни нешто повеќе за оваа инвестиција) ?

Токму така, новиот тениски центар го споменав кога зборував за изградба на спортски објекти во Општина Аеродром. Тој ќе биде изграден покрај кејот на реката Вардар и ќе содржи минимум 8 тениски терени со што ќе се создадат услови за одржување меѓународни натпревари. Инвеститорот, покрај тениските терени ќе треба да изгради и компатибилни содржини, како што се игротека, кафе-бар и канцелариски простор. Тениските терени треба да бидат изградени најдоцна за 24 месеци, додека за компатибилните содржини рокот е 36 месеци од потпишување на договорот. Општина Аеродром со изградбата на Спортскиот центар ќе добие уште една спортска содржина, каде ќе доаѓаат афирмирани светски тенисери, а младите ќе имаат можност да вежбаат во соодветни услови за професионален тенис, додека некои од нив се надеваме ќе прераснат во познати тениски ѕвезди.

Скопје Инфо: Збратимени сте со лондонска општина Вандсворт, кажете ни нешто повеќе за вашата заемна соработка?

Како што веќе споменав, група најдобри 25 ученици на почетокот на декември веќе отпатуваа за Лондон во знак на продолжување на традицијата за размена на најдобрите ученици со збратимената Општина Вандсворт, каде што ќе посетуваат настава во училиштето Брнтвуд, зашто сметаме дека размената на искуства и традиција е бесценета. За време на наставата во училиштето во лондонската општина Вандсворт учениците придружувани од одговорен наставник ќе имаат можност да ја посетуваат наставата кај своите врсници и да се запознаат со нивниот воспитно-образовен систем, односно со нивните наставни програми и со начинот на одржување на наставата. Тие ќе бидат сместени кај семејствата на своите соученици, така што ќе можат да дознаат повеќе за обичаите, навиките и начинот на живот во Велика Британија. Минатата година во јуни Општина Аеродром, всушност, ја испрати првата група најдобри ученици на настава во Лондон, а оваа година во јуни група ученици од Лондон дојдоа во возвратна посета на Аеродром, така што оваа втора посета ја зацврстува традиција во насока на зајакнување на соработката меѓу двете општини. Ова е уникатна прилика за најдобрите ученици од Аеродром да посетуваат настава во училиштето Брнтвуд, кое е добар пример на образование во Лондон и важи за многу успешно училиште со голема инклузивност.

Скопје Инфо: Општината е препознатлива и по многуте верски објекти. Црквите се проекти или на МПЦ или во нив инвестираат донатори. Кажете ни колку вкупно има цркви на територијата на општина Аеродром и колку во моментот се градат?

Како што и самите кажавте црквите се проекти на МПЦ, така што веројатно таму може да се добијат повеќе точни податоци и детали. 

Скопје Инфо: Што ќе ја одбележи 2016 година општината и кои се вашите идни планови и проекти?

Проектите што ја одбележаа 2016 година во Општина Аеродром се однесуваат пред сè на инфраструктурата: нова улица покрај реката Вардар на потегот од СЦ „Јане Сандански“ до булеварот „Србија“, поточно покрај булеварот „АСНОМ“ во должина од еден километар и широчината 6 метри, во Мичурин целосно реконструирани и проширени улиците „Анастас Митрев“ и „Венијамин Мачуковски, во населбата Стар Аеродром улицата „Методија Шаторов Шарло (поранешна „Руди Чајавец“), во населбата Лисиче целосно реконструирани улиците „Гаврил Константиновиќ“, „Ѓуро Малешевац“, „Зборски“, „Дете Татуличе“  и кракот на улицата „Мите Богоевски“ покрај Усјанскиот канал, во локалитетот Индустриска зона изградена улицата „Новопроектирана улица 4“ меѓу новите згради и во фаза на изградба две комплетно нови улици во непосредна близина на висококатниците „Скај сити“, во Горно Лисиче реконструирана истоимената улица „Горно Лисиче“ на потегот од „12 Македонска бригада“ до црквата „Св. Петар и Павле“ во должина од 1,7 километри, целосно реконструирана водоводната мрежа и асфалтирана улицата „Ѓорѓи Капчев“ во должина од еден и пол километар, изграден мост на Усјанскиот канал во Горно Лисиче на улицата „Ѓорѓи Капчев“ и јавно осветлување на сите овие улици. Исто така, изградивме и нов парк покрај реката Вардар на површина од 100.000 квадратни метри, како и ново повеќенаменско спортско игралиште за ракомет, фудбал и кошарка во населбата Лисиче.

Најзначајни проекти предвидени во Буџетот на Општина Аеродром за 2017 година се изградба на комунална инфраструктура и асфалтирање на улиците „Пандил Шишков“ и „Коста Новаковиќ“, изградба на три нови улици во Индустриска зона (4, 6 и 8) и една во Мичурин, изградба на атмосферска канализација во Долно Лисиче, изградба на тенискиот центар „Скопје“ покрај кејот на реката Вардар со јавно приватно партнерство, кое веќе го споменавме, изградба на нова детска градинка во Ново Лисиче за повеќе од 250 дечиња, промена на фасадите на 10 згради, а во соработка со Град Скопје проширување и реконструкција на булеварите „Трета македонска бригада“, „АСНОМ“, „Србија“ и „Февруарски поход“, изработка на проект за булеварот „АСНОМ“ на делот во Керамидница до новата сала, изградба и реконструкција на улицата Васко Карангелевски и изградба и реконструкција на атмосферска канализација во Долно Лисиче.