Ивица Коневски: Граѓаните нема да дозволат да се донесат наркозависници во Аеродром

Скандалозна е одлуката на Министерството за здравство со која наркозависниците од септември својата терапија ќе ја земаат во поликлиниката „Јане Сандански“ во Општина Аеродром, која е една од најголемите општини, со најголем број млади луѓе. Ова во својата реакција на социјалните мрежи го вели поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски. 

Објавата доаѓа по најавата на Министерството за здравство дека во пунктови во поликлиниките Јане Сандански и Ченто од септември зависници ќе земаат метадонска терапија.

Најавата на министерот Филипче дека се подготвува дисперзиран пункт со право ја разбранува јавноста во Аеродром. Државата мора да обезбеди најдобри услови за лекување на зависниците од дроги, но треба многу внимателно да се избираат локациите каде што овие луѓе ќе ги остваруваат своите права, вели Коневски во постот на фејсбук. 

Сметам дека е крајно несоодветно, па дури и многу ризично, ваков пункт да се отвори во поликлиниката „Јане Сандански“ која меѓу другото се наоѓа во непосредна близина на две големи детски градинки и основно училиште.
Сите сме сведоци на лошите слики од Центарот во Кисела Вода каде расфрланите шприцеви и игли се секојдневие за тамошните жители, додава тој.