ИСТРАЖУВАЊЕ: Јадеме домати со генетички блокирани ензими за зреење и вкус

Однадвор прекрасен, внатре дрвенест и без вкус. Вака со прости зборови може да се опише доматот што го јадеме во последните неколку години.

Хибридните сорти, несоодветните семиња и честите вкрстувања на сортите што не одговараат на нашето поднебје се неколкуте причини што македонските експерти ги лоцираат за губење на препознатливиот вкус на македонскиот „јабучар“.

Но, ниту еден од нив нема спроведено истражување да го лоцира вистинскиот виновник. Изгубениот вкус на зеленчукот е вечна тема не само за Балканот туку и за цела Европа. За да види каде се изгуби вкусот на традиционалниот домат, меѓународен тим експерти студирале речиси 400 вид домати. Земени биле примероци од најмодерната до најстарите традиционални сорти. Истражувањето е работено на Институтот за полјоделство во Нови Сад. Утврдено било дека во потрага да се добие што поотпорна сорта домати изгубени се 13 елементи што влијаат на неговата специфичен вкус. Исто така, експертите откриле специфични генетски промени.

Заборавени домашни сорти

За разлика од Србија, кај нас досега не е правено вакво истражување. Експертите велат дека старите сорти ги нема бидејќи новите даваат повеќе род, полесно се транспортираат и подолго време опстануваат свежи. Затоа доматите се без вкус, пиперките не мирисаат на пиперки, јагодите се големи, црвени, ама без мирис.

Созреан предвреме или саден со семки што се несоодветни за нашето поднебје, битно е дека е здрав за јадење и нема никакви последици врз здравјето на луѓето.

Професорите на Факултетот за земјоделство и храна не негираат дека новите сорти ги однесоа старите во заборав. Пазарот, поголемата продуктивност на новите сорти и лесниот транспорт ги натера, наместо традиционално производство, да садат само она што може да го извезат. Најчесто бугарско, грчко или италијанско семе се сади на македонските ниви.

- Однадвор доматот личи на „јабучарот“, но внатре има с` освен нешто што личи на домат. Тоа е последица на користење хибридно семе. Тоа дава повеќе род, но не е вкусно како нашето домашно производство. Иако не е опасно за здравјето на луѓето, голем дел од плодот не може да се јаде. Но, постои и една друга работа која кај нас не се зема предвид. Можеби сортата воопшто не е правена за нашето подрачје, но земјоделците не обрнуваат внимание на ова - изјави неодамна Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделство и храна во Скопје.

Субвенции за заштита на домашните семиња

Во Министерството за земјоделство велат дека на пазарот најмногу може да се најдат увозни семиња. Нагласуваат дека сите фармери што ќе решат да го заштитат домашниот семенски материјал ќе добијат поголеми субвенции.

Вината ја гледаат во земјоделците на кои полесно им е да се приспособат на пребирливите европски пазари и да го произведуваат она што тие го бараат наместо да го задржат препознатливото домашно семе.