Градската власт во текот на оваа година ќе ја изврши втората фаза од испитувањата на алтернативните извори за водоснабдување од пештерата Врело на Матка и Kадина и Патишка Река за што склучила договор со јавното претпријатие „Водовод и канализација“, а ќе учествуваат и Институтот за јавно здравје и Управата за хидрометеоролошки работи.

Овој проект е дел од активностите за заштита на водите од Програмата за заштита на животната средина на Град Скопје за 2017 година. Kако што е наведено во документот, целта е да се утврдат капацитетот и квалитетот на водите за кои постои реално стручно мислење дека се погодни извори за обезбедување вода за пиење за потребите на Скопје.

Од Град Скопје образложуваат дека веќе е спроведено истражување со кое е констатирано дека двата локалитета може да се земат предвид за понатамошно обезбедување пивка вода, пишува Дневник.

За потенцијалот изворите на Матка да го снабдуваат Скопје со вода за пиење се зборува одамна. Познато е дека подводната пештера Врело има огромна количина чиста вода, но не се знае колку затоа што не се знае ниту колку е длабока Врело. Минатата есен полскиот спелеонуркач Kшиштоф Старнавски стигна до длабочина од 230 метри. Се претпоставува дека дното е на 330 метри, што, ако се потврди, ќе ја направи најдлабока пештера на светот. Во близина на пештерата има уште два извора, Kориште и еден што беше откриен пред неколку години кога езерото беше испразнето, а кој сега е под вода.

Алтернативата се бара затоа што се смета дека изворот Рашче, кој има штедрост од 4.000 литри во секунда, нема да може вечно да го снабдува Скопје со вода за пиење. Моментно втора варијанта за водоснабдување на Скопје е бунарското подрачје Нерези-Лепенец и во Програмата за заштита на животната средина има проекти и за негова заштита.

Градската власт подготвува ажурирање на „Експертизата за одредување на границите на заштитните зони на бунарското подрачје Нерези-Лепенец“ и нова експертиза за заштита на Рашче.

- Експертизата за бунарското подрачје е од 1992 година, а експертизата за Рашче е од 1990 година и до денес промените во просторот на утврдените заштитни зони се огромни, а тоа се одразува на квантитетот и квалитетот на подземните води. Во последните години е спроведен голем истражувачки мониторинг на водите што го хранат бунарското подрачје Нерези-Лепенец и на водите што го хранат Рашче, со што се добиени одредени показатели за подземните води. Потребно е ажурирање на експертизите за да се утврдат сите закани во просторот и да се дефинираат нови граници на зоните и мерките за заштита. Просторниот план на регионот на заштитните зони на Рашче, донесен од Собранието на РМ во декември 2002 година, упатува на дополнителни активности за заштита на изворот од повеќе министерства, меѓу кои е и утврдување нови граници на заштитните зони - е вели во документот.

Експертизата за Нерези-Лепенец ќе чини два милиона денари и ќе ја изврши Градежниот институт „Македонија“, а за експертизата и новиот правен акт за Рашче, што ќе чини 5 милиони денари, е избран извршител, но не е наведен во програмата.