Истражувачка студија: Кои делови од Скопје се најопасни при земјотрес? (фото)

Централното градско подрачје е најподложно на тресење и поради тоа треба да се избегнува градењето во тој т.н. црн појас. Тоа го покажала студија што уште пред речиси половина век ја направи, сега веќе покојниот, Апостол Поцески, тогашен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, пренесува Телеграф.

Во неговата опсежна студија „Испитување на последиците од земјотресот во Скопје во 1963“ објавена во 1967 година, после неколкугодишни испитувања на земјиштето во главниот град, како и на степенот на уривање и уништување за време на катастрофалниот земјотрес, се одредуваат точно местата во градот кои во иднина (гледано од тоа време) би биле најподложни на сеизмичките активности доколку дојде повторно до силен потрес.

Црн сеизмички појас - шрафиран дел

Оттаму преку сегашната зграда на Домот на градежниците го сече булеварот „Св. Климент Охридски“, оди право кон улицата „Ленинова“ и оттаму се шири кон булеварот „Партизански одреди“. Ја сече населбата Карпош во близина на кулите кај полициската станица и оттаму се упатува до Вардар, во правец кон местото каде што се влева реката Лепенец.

Таму биле забележани и најголемите разурнувања и, како што се вели во студијата, и при следен таков земјотрес на истиот потег се можни оштетувања од ист карактер, а причина за тоа е составот на земјиштето. Во слободна пресметка, се работи за простор во должина од четири до пет километри воздушна линија.

Скопскиот земјотрес е ударен - силен и краткотраен

Во научното истражување Поцески изработил цела мапа на Скопје и ја поделил на различни реони, според степенот на разурнувања и уништувања. Постојат седум реони, при што тие што се со реден број еден и два се местата кои имале најмногу оштетувања. Според неговите претпоставки, истите реони се очекува да се соочат со големи оштетувања и при следен земјотрес од ист тип каков што бил тој во 1963.

Земјотресот во 1963 е т.н. ударен земјотрес, наместо долготраен. Таков тип земјотрес доживеавме и во неделата. Траеше 4-5 секунди, а имаше јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала.

Поделеност по реони

Реон 1: (Центар, Карпош 1) Реонот околу плоштад „Слобода“, означен со број 1, е реон со најголем интензитет на потресот. Во Карпош интензитетот на потресот беше нешто помал. Во овие реони теренот бил доведен да вибрира близу резонанса. Истото може да се очекува и во иднина. Затоа би требало да се спречи можноста конструкциите да бидат доведени да вибрираат близу резонанса, како би се избегнало зголемување на интензитетот на потресот, односно рушење или значително оштетување на зградите“, стои во објаснувањето.

Реон 2: (Аеродром, Кисела Вода): „Во реоните означени со 2 интензитетот на потресот беше мал. Но, при подлабок или подалечен хипоцентар на еден многу силен земјотрес, овие реони најмногу би осетиле“.

Реон 3: (Центар, Чаир, Стара чаршија): Реоните означени со три, после реоните означени со еден, беа најпогодени. При земјотрес со слични карактеристики тоа би се повторило. Таков земјотрес за овие реони би бил меродавен, односно би најголем интензитет на потресот. Уште повеќе ако се погоди епицентарот да биде поблиску до овие реони, а согласно условите на Скопската Котлина, тоа не би требало да се исклучува. Во тој случај во овие реони би се појавил најголемиот можен интензитет.

Реон 4: (Карпош 2/3/4; Ѓ.Петров): „Реоните означени со 4 се со релативно слаба сеизмичност. За нив најнеповолен би бил земјотрес кој би се случил во нивна непосредна близина“.

Реон 5: (Тафталиџе): „Реонот 5 претставува терен со најдобри карактеристики за градење. Во сеизмички поглед, тој е многу добар. Сеизмичките влијанија при земјотресот во 1963 година во овој реон беа за 2,5 пати помали отколку кај плоштадот „Слобода“. Слично би било и при силните земјотреси во иднина. Покрај тоа, почвата тука е составена од крупно зрно, многу добар чакал, така што тука може да биде фундиран каков било објект“.

Реон 6: (Топанско П.,Чаир): „Реоните означени со 6, како и реонот 5, се со релативно мала сеизмичност, дури и помала од таа на реонот 4. Затоа и во овие реони не би требало да има некои посебни конструктивни ограничувања“.

Реон 7: (Бутел, Радишани): „Неговата сеизмичност во поглед на интензитетот не е доволно точно определена. Таа е најверојатно слична на сеизмичноста на реоните три и четири“.