Исповед на скопјанец: Желбата за брза заработка ми се одби од глава како кошмар

Имав стан во центарот на Скопје, во близина на Зелениот пазар, каде што поминав дел од детството. Откако се иселивме оттаму, тој остана празен повеќе години.

Но, еден пријател ми даде интересен предлог: – Зошто станот не го издаваш за една ноќ?

На почетокот не го разбрав што сака да каже, но бргу ми стана јасно на што мисли. Станот да го претворам во љубовно гнездо. Предлогот не ми изгледаше лош. Зошто да не искористам малку и да заработам на сметка на туѓата љубов.

Составив оглас и го објавив на интернет: „Најмувам стан за краток престој, цена 30 евра од ноќ, дискреција ГАРАНТИРАНА“.

Ова „гарантирана“ го ставив од шега, но изгледа токму тоа беше најпривлечно. Не поминаа неколку часа и првиот повик стигна. Глас на човек од околу четириесетина години: – Ми треба станот за утревечер, дали е слободен? Не сакам никој да знае кога ќе дојдам и со кого ќе дојдам.

Но, тоа што не сакаше да се знае со кого ќе биде таму, малку ме подзамисли. Човекот се јавил токму поради тоа што му гарантирав дискреција. Со тоа како да си ставив белег – станот го најмувам за љубовџии кои бегаат од јавност.

Тоа и се случи. Го пречекав пред зградата. Дојде сам, му го дадов клучот и се договоривме следниот ден да го остави во поштенското сандаче. Кој му дојде потоа во станот, не знам. Не ме интересираше дали се швалерисуваат или се вистински пар. Заминав колку што можев побрзо, да не им пречам кога сакаат да се скријат од туѓите погледи.

Ден потоа дојдов на истото место. Клучот беше во сандачето. Кога се качив горе, сè беше средено, креветите повторно наместени. Единствено две чаши стоеја неизмиени, а на едната од нив, траги од кармин. Тие добро си поминале, а јас имав добра заработка.

Телефонот продолжи да ѕвони и следните денови и месеци. Се јавуваа и мажи и жени, некои постари, некои помлади. Сите имаа иста цел – да дојдат во станот со партнер. Најмногу ги имаше пред викенд. Се јавуваа во среда, за да се осигурат дека станот ќе го имаат во петок навечер.

Сепак, не можев да додржам и правилото за гарантирана дискреција почнав самиот да го прекршувам. Наместо да си заминувам, останував во близина на зградата и чекав да видам која девојка ќе се појави. Како што очекував, тоа беа најчесто нивни колешки. Ги препознавав зашто повеќето од нив работеа во околните фирми.

Почнав добро да заработувам, но никому не кажував од каде се парите. За оваа моја авантура не ѝ кажав ниту на Ана, мојата девојка со која тогаш бевме во врска околу една година. Таа не ни знаеше дека овој стан постои. Се плашев дека ако ѝ кажам, ќе помисли дека сум станал макро. Си го продолжив својот бизнис.

Сепак, горчливата страна на светот на прељуби почна да се наѕира. Станот го најми човек на возраст од околу 50 години. Не ми беше познат. Беше дотеран како да е шеф во некоја од локалните фирми. Десетина минути по него се појави девојка. Беше слаба, симпатична и толку младолика што не можев да ѝ дадам повеќе од 20 години. Се плашам дека немаше ни толку.

Мислев дека само си правам филмови, дека не е можно таа да му е партнерка за оваа пауза за секс. Но, таа беше дојдена за него.

Девојката не можеше да го погоди влезот, па педестгодишникот излезе и ја пречека лично. Таа кога го виде, послушно ја наведна главата и како учениче што задоцнило на час тргна по него. Тој не ја ни допре. Само ѝ ја остави вратата подотворена и ја чекаше внатре, далеку од очите на другите.

Се згрозив. Сакав да излезам пред него и да му го земам клучот. Никој отстрана не можеше ни да претпостави што се случува. Јас знаев. Се чувствував како да сум негов соучесник. Сепак, кукавички премолчев.

Половина час подоцна истата девојка излезе од зградата. Плачеше. Сакав да тргнам кон нејзе, но што ќе ѝ кажев? „Мој е станот каде што пред малку беше расоблечена“. Немаше поента. Повторно, останав закопан на место. Таа со трчање бргу се изгуби кон автобуската станица и се качи во првиот автобус што ѝ дојде. Кратко по неа, излезе и тој. Си завршил „работа“ и полека се измеша меѓу луѓето на тротоарот.

Бев лут на себе. Сакав да ѝ кажам на Ана што видов, но не го сторив тоа. Оваа епизода требаше да ми биде предупредување. Да престанам, да го повлечам огласот. Но, помислив на парите и продолжив.

Педесетгодишниот повторно ми се јави за две недели, па дури и се претстави: – Сашо, момче, овде е Дарко, ајде во среда да ми оставиш клуч. Така и направив.

Му го предадов клучот и тргнав да си одам. Не сакав да бидам повторно соучесник во неговото изживување врз девојка која може ќерка да му биде.

Се оддалечив од зградата. Сепак, не додржав и се свртев кон влезот, сакав да видам која е неговата следна жртва. Задоцнив. Девојката веќе на половина врата беше внатре. Успеав само да видам – долга црна коса, фармерки и патики. Да, беше млада, но не истата од минатиот пат. Претходната имаше руса коса. Иако одвај ја видов, нешто ми беше многу познато на неа. Ме фати немир.

Седнав во паркот спроти зградата и чекав. Се измачував додека ја формирав сликата за девојката што влезе внатре. Се убедував себеси дека грешам, дека не е таа, дека ми се присторило. Но, патиките, косата, фармерките – добро ги видов. Не можев да не ги препознаам. Се обидував да си најдам милион причини зошто би дошла тука, само да не ја поврзам со „господинот“ кој распиштолен ја чека горе. Не можев да најдам одговор.

Тој половина час мислам дека траеше половина век. Станав зол, посакував повторно да се појави истата девојка од минатиот пат, расплакана и да си замине, само да си олеснам себеси. Станав гневен на часовникот што се движи толку бавно.

Дојде мигот да го голтнам горчливиот залак. Од зградата излезе Ана.

Престанав да дишам, ми се стресоа нозете. Ми зовре крвта, сакав да се стрчам кон неа, да се развикам, да го истурам гневот. Но, повторно, што ќе ѝ кажев? „Не плачи, не си ти виновна“, „Зошто ми го правиш ова?“, „Јас му дадов клуч да биде горе со тебе“. Ништо немаше смисла.

Ана не плачеше. Таа го чекаше Дарко, кој беше зафатен со „исплатата“ што ми ја оставаше во поштенското сандаче. Тој како да знаеше дека гледам, па штом дојде до неа ја прегрна под половината, стиснувајќи ја провокативно за задникот. Ана исто така го прегрна, му прошепоти нешто и двајцата излегоа на тротоарот од каде што се разделија и се изгубија меѓу луѓето.

Стаписан стоев уште долго време.Веднаш го избришав огласот од интернет.

Следниот ден се обидов да ја добијам Ана. Но, таа како да исчезна. Цела недела не ми одговараше на повиците. Како јас да сум виновен. Тоа ме налути, па ѝ пратив порака: „Те видов кога излегувавте со Дарко“.

Мислев дека ќе триумфирам и дека плачејќи ќе дојде кај мене и ќе бара да ѝ простам. За одговорот не чекав многу. Ми одговори: „Знам. Беше како глушец кој се вртка без глава долу. Не ме барај. Врската одамна ни беше во бездна, но ти не сфати, беше занесен. Толку е, раскинуваме!“

По ова го прекинав и „бизнисот“. Испратив луѓе да го исчистат станот и за кратко време го продадов, за да ја тргнам во заборав таа епизода од животот. Од поштенското сандаче никогаш не ги земав парите од последната услуга.