Исповед на мајка: Најтешко ми беше кога слушнав дека мојот син е хомосексуалец

Моментот на вистината, кога родителите од своето дете ќе слушнат дека е хомосексуалец, е момент кој може да го уништи семејството. За многу родители овој момент веројатно е еден од натешките во животот. Неверувањето ги тера родителите да се преиспитаат „каде погрешиле“ и „зошто баш нив ова им се случува“ како и „што сега светот ќе каже кога вистината ќе излезе на виделина“. 

- Тоа беше во октомври 2009 година, имавме продавница. Мојот сопруг еден ден влезе и го затекна нашиот син како седи со младо дете со кое тогаш бил во врска. Тогаш нашиот син помисли дека е вистински момент да му ја каже вистината на неговиот татко. Мојот маж, тотално шокиран, ми се јави да дојдам. Следеше мачна и долга расправија, а бурата од емоции предизвикуваше и постојани обвинувања - вели Боба, мајка на еден хомосексуалец. 

Родителите не можеле да сфатат што нивниот син се обидува да им објасни. Не можеле да поверуваат дека детето со кој бил нивниот син е всушност негово момче, затоа што претходно нивниот син дома носел девојки. 

Синот на Боба сфатил дека неговиот избор им пречи на неговите родител, и затоа одлучил да го напушти семејството и да оди да живее со својот партнер. Следела нова сцена - таткото ја заклучил вратата од продавницата, со намера да го спречи синот да замине. 

- Не сакав да си отиде... Во тој момент ништо друго не ми беше важно, само сакав мојот син да остане со нас. Но, ништо не можеше да го премисли. Реши да си оди по секоја цена. На крајот го замолив сопругот да ја отклучи вратата и да го пушти - се присетува Боба. 

Револтирана, ги спаковала работите на нејзиниот син, но не од бес што ја дознала вистината, туку поради начинот на којшто тој одбрал да им ја соопшти. 

- Во куќата завладеа тишина. Беше потребно подолго време да се смират страстите и секој да размисли - вели Боба. 

Шокираните родители со месеци ја криеле вистината од помладиот син. Но не успеале да ги скријат болката и тагата. Поради тоа одлучиле отворено да разговараат со него, кој тогаш бил во пубертет. Неговата реакција била идентична како и на родителите - шок, бес, болка, неверување.. 

- Одеднаш, целото семејство се чувствувало изневерено, како цело време да живеевме во лага. Никогаш никој не се посомнева дека нашиот син е хомосексуалец. Бевме лути што сѐ ни кажа ненадејно.. Бевме лути што замина, што тој нас не нѐ сфати. Мораше да разбере дека не можевме веднаш да го прифатиме фактот за неговата различна сексуална определба - вели Боба. 
 

Таа и нејзиниот сопруг три месеци немаа контакт со нивниот син. Како што вели таа, тоа биле три најлоши месеци во нејзиниот живот. 

- Во секој млад маж го гледав него, сѐ ме потсетуваше на него. Еден ден, јас и мојот сопруг бевме во автомобилот, а мене ми се причини дека го гледам нашето дете. Излетав, целата расплакана, викајќи го него. Кога детето се сврти, сфатив дека не е тој. Тогаш му реков на сопругот дека мора да го пронајдеме. 

Нивниот син во меѓувреме го напуштил факултетот и се вработил. После неколкудневната потрага дознале каде работи и одлучиле да одат кај него на работа. 

- Бевме најтопло пречекани. За среќа, мирно разговаравме, се прошетавме и некако успеавме да ги поправиме односите - вели Боба. 

После разговорот, контактот со нивниот син станал поредовен. А после, следел нов шок: 

- Еден ден ме повика да одам и да го запознаам неговиот партнер. Прифатив. Се трудев да бидам мирна, и да ја прифатам ситуацијата. Од тој момент сѐ некако започна да функционира. 

- Воопшто не се грижам што ќе речи светот - вели Боба. Таа вели дека не им кажале ниту на роднините, ниту пријателите дека нивниот син е хомосексуалец, но сите од околината се свесни за тоа, иако никој тоа не го коментира. 

Боба тврди дека родителите кои велат дека се помириле со фактот дека детето им е хомосексуалец не се искрени. 

- Се надевам дека мојот син ќе го промени неговото сексуално определување, но не се имам целосно помирено со тој факт. Не разговарам со него за тоа. Го гледам како свој син, а не како „геј син’. Најважно ми е да е добро и да е здрав, сѐ друго е најмалку важно. Тој некогаш преспива кај нас. Доаѓа со неговото момче.. И тоа момче не го гледам како хомосексуалец - вели Боба. 

Таа додава дека нејзиниот син објавува фотографии на друштвените мрежи и знае дека сите се свесни за неговата сексуална определба. 

- Нам никој ништо не ни има речено, а да бидам искрена, не ме ни интересира што некој би рекол - вели Боба. 

Нејзиното семејство продолжи да живее нормален живот. Таа и нејзиниот сопруг се грижат за нивните синови како и претходно. Нивниот син постојано доаѓа и ги посетува, а и тие го посетуваат него. Колку и да е различен во очите на оние кои ги осудуваат хомосексуалците, за неговите родители тој е нивно дете и тоа ништо не може да го промени